Генчовска открива детали од протоколот кој денеска го потпиша со Османи: Еве што не’ очекува

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска нагласи и дека нема промена во т.н француски предлог и дека преговарачката рамка е таква каква што ни е дадена.

– Овој политички и долг разговор во РС Македонија беше насочен кон нивната јавност, но веќе појаснивме дека нема да има промена – нагласи Генчовска.

Таа потсети дека во денешниот протокол што го потпишаа двете страни има конкретни рокови за што треба да го направи Македонија. Документот, рече таа, ги вклучува четирите барања на бугарската страна – да се решат историските прашања, да се вклучат Бугарите во Уставот, да се стави крај на јазикот на омразата и Македонија да ги отвори досиејата на југословенските тоталитарни комунистички служби (УДБА).

– Навистина, денеска сите бевме сведоци на еден многу важен момент – состанок на втората меѓувладина комисија. На средбата се разговараше за тоа што е сработено во секторските политики, има пет работни групи, беше пријавен напредок и се разговараше за тоа што и кога би можело да се случи во секторите енергетика, транспорт, градежништво, култура итн. Најважниот резултат е потпишувањето на вториот протокол. Содржи исклучително амбициозни краткорочни и долгорочни мерки, кои во пракса имаат за цел да решат голем дел од отворените прашања – рече таа.

Генчовска нагласи дека овој протокол не е документ сам по себе, туку е дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Има механизам за следење на неговото спроведување и ги обврзува другите земји-членки да го следат, што според неа, е највредното од т.н француски предлог.

– Како што повеќе пати изјавивме, тоа е составен дел од пакетот на францускиот предлог, мислам на Рамката за преговори и на заклучоците на Советот. Отсега продолжуваме со работата на ниво на експертски групи со колегите од РСМ со цел подобра координација и нивните следни чекори кои се однесуваат на промена на Уставот и вклучување на Бугарите не само во основниот закон, но и во останатиот дел од законската регулатива – рече министерката Генчовска, која му се заблагодари на тимот на МНР за нивната професионална работа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.