Во Алинци даоѓа уште еден инвеститор.
Дел од улицата „Андон Слабејко“ ќе се претвори во пешачка зона.
За годинава се предвидени многу инвестиции за продолжување на трендот на развојот на градот во секој поглед, а со тоа Прилеп да го задржи приматот на најдинамична општина во земјава.
Според Ристески се очекува изградба на нови погони на компанијата Гентерм и Акомпласт, како и влегување на нови фабрики во ТИРЗ зоната кои ќе овозможат најмалку нови 1.000 работни места. Тој најавува одржување и заштита на локалните и регионалните патишта за што се предвидени 71,5 милиони денари.
– За одржување на јавното осветлување, реконструкција и изградба предвидени се 33 милиони денари, за реконструкцијата на градскиот стадион, што е дел од заедничкиот проект со УЕФА, ФФМ и Прилеп, се предвидени 30 милиони денари од буџетот на општината. За културните манифестации и изградба на споменици одделени се 12,5 милиони денари. Ќе се постават споменици на Мирче Ацев, Битката на Ножот и ќе се дополни Алејата на народни херои – вели Ристески
Тој открива дека веќе е пуштена апликација до Светската банка и се чека конечен одговор за изградбата на булеварска улица ,,11-ти Октомври,, и мостот Табаана, кој ќе има кружен тек и ќе се добие современ изглед и растоварување на сообраќајот во овој дел на градот. Проектот чини 2 милиони евра.
– Ќе се изгради нов пешачки мост и ќе се реконструира мостот на ул. ,,Димо Наредникот,,. Ќе се изгради и капиталната улица ,,Кеј 1-ви Мај,,, на потегот од стара автобуска станица до населбата Сточен пазар. Со 9,6 милиони денари ќе се заврши градбата на основното училиште во населбата Сточен пазар. Планирана е нова градинка во ОУ ,,Рампо Левката,,. Ќе се вложат 3 милиони денари и раст на сместувачките капацитети за 100 нови места. Тендерот е во тек. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Владата ќе почне градбата на градинка во Точила за згрижување на 300 деца – вели Ристески.
Со Министерството за образование ќе се изгради спортска сала во ОУ ,,Кире Гаврилоски – Јане,, ќе се реконструираат санитарните јазли во ОУ ,,Гоце Делчев,, ќе се смени дел од дограмата во Гимназијата и ќе се интервенира во сите училишта да се подобри квавалитетот на образованието.
– Годинава ќе се оконча градбата на пречистителна станица и канализациони системи. Градот ќе добие нова подземна и надземна инфраструктура и чиста река. Ќе се насочат 11,5 милиони денари за кејски ѕидови на градска река. За тротоари и пешачки патеки ќе се наменат 7 милиони денари – најавува Ристески.
Тој ќе ја продолжи соработката со ЈП за поткревање на квалитетот на услуги за граѓаните, за подобро водоснабдување, почист и посреден град, поуреден пазар…
– Ќе се осовремени јавниот градски превоз со нови автобуси и повеќе нови линии. Да се подобрат условите за живеење и престој на старите лица, ќе се реновира приземјето на домот ,,Киро Крстески – Платник,,. Заедно со државниот буџет, проектирани се 10 милиони денари. ПП единицата ќе добие нова опрема, мебел и инвентар. Спортска инфраструктура можат да очекуваат жителите на Алинци, Големо Коњари, Галичани и Канатларци. Ќе се изградат неколку повеќенаменски игралишта и пет нови баскет игралишта – најавува Ристески.
Планирана е изработка на нови ДУП-ови за 150 хектари.
– Ќе се постави темел на фабриката за секундарна селекција на отпадот кај депонијата Алинци, со што Прилеп ќе биде прв град во земјава со секундарна селекција на отпадот – открива Ристески, додавајќи дека ќе се реализираат уште други стотина проекти за повисок квалитет на живеењето.
Извор: Неделник Зенит