Најголемиот работодавач во Прилеп, компаниајта „Гентерм Македонија“, ја реализираше својата трета донација за ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп.
-Одличната соработка помеѓу ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп и „Гентерм Македонија“ уште еднаш се потврдува, со тоа што оваа општествено одговорна компанија како најголем работодавач во нашата општина одлучи да донира во болницата. Притоа согледувајќи ги потребите на болницата и она што значи подобро здравје на нашите пациенти, ни излегоа во пресрет и одлучија да донираат машина за сушење и машина за перење, од реномираниот италијански производител на вакви апарати „ИМЕСА“, како и апарати за мерење на крвниот притисок на пациентите во повеќе одделенија.
Денешниот настан е прилика да изразиме голема благодарност на компанијата „Гентерм Македонија“, во име на нашите пациенти, вработените и сите граѓани за гестот и нивната донација во болницата. Машините се наменети за пералната во која се одржува хигиената на постелнината и целиот веш од сите болнички одделенија во нашата установа. Станува збор за високо професионални, енергетски ефикасни машини, кои ќе бидат од голема полза за нашата установа. Во најголем дел ќе ги заменат постојните неколку децении стари машини, со што ќе имаме поголема ефикасност, подигање на степенот на хигена на вешот и секако и заштеда на трошоци.
Во оваа прилика повикуваме примерот на „Гентерм Македонија“ да го следат и другите прилепски компани во поглед на поголема општествена одговорност во средината во која функционираат, апелираше директорката на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп Кети Смилеска.
-Како општествено одговорна компанија продолжуваме со нашите напори и активности за подршка на заедницата. Денеска сме овдека со подршка на локалната болница со донација на индустриски машини за перење и сушење, кои се надевам ќе и помогнат на болницата за повисоки хигиенски стандарди а со тоа и услугите на болницата кон пациентите ќе бидат на повисоко ниво. Ова не е наша прва активност и донација кон болницата, а работиме по претходно договорени приоритети и активности. Имаме глобални и локални таргети. Соработуваме и помагаме на јавни институции како училишта, градинки и болници, а оваа донација е во вредност од над 12.000 евра, изјави генералниот менаџер нас „Гентерм Македонија“ Андреј Хафинетс.