Генерацијата создадена од Мариноски и Соколески стана државен првак

Генерацијата млади ракометари од Прилеп во која изминатите години доста се инвестираше, во четвртокот стана државен првак во кадетска конкуранција.

Младите ракометари на РК Прилеп родени 2002-2003 година, со победата над Струга со 27:23, го освои “фајнал-фор” турнирот во оваа конкуренција, кој се одржа во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”.

До завршниот турнир младите ракометари на Прилеп стигнаа преку освоеното прво место во втората кадетска група, каде извојуваа 12 победи и само еден пораз, а ова е прв поголем успех за нив.

Во овие млади деца изминатите години се посвети доста внимание, па овој успех е светла точка во моменти кога сениорскиот ракометен тим се наоѓа на последната позиција на “плеј-аут” табелата.

Огромна заслуга за успехот секако имаат претходниот тренер на клубот Ице Соколески и претседателот Александар Мариноски, кои веруваа во нив и на кои вложувањето во млади ракометари им беше главен приоритет сите изминати години.

Честитки за кадетите на РК Прилеп!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.