Во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави, премиерот Никола Груевски оствари средба и со потпретседателот на САД, Џо Бајден. На средбата, како што информира претседателот на македонската Влада се зборувало за повеќе теми, меѓу кои и политичкиот дијалог, реформите, економијата и економската соработка, како и за членството на Македонија во ЕУ и НАТО.
-Со Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното наше гледање до сега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците. Америка е наш партнер, ние имаме потпишано декларација за стратешко партнерство во 2008 година и во многу работи имаме сериозна поддршка од САД во овој изминат период. На средбата зборувавме за повеќе теми. Зборувавме за политичкиот договор, за реформите во повеќе сфери, за економијата и економскта соработка, за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и ЕУ и нивната поддршка во тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина, истакна Груевски.