Минатиов викенд, за првпат досега, се организираше тридневен настан насловен како „Месец на науката- Ноември 2016“. Учество на настанот зедоа сите научни институции и друштва од нашава држава, како и скоро сите средни училишта во Македонија. Учесниците на овој настан имаа свои презентации на интересни теми во салите на „Cineplex“ и „City Moll“ во Скопје, додека дел од активностите, вклучувајќи го и тест натпреварот беа реализирани на Природно-математичкиот факултет.
Најголем интерес на натпреварот имаше за експериментите и демонстрациите изведени од страна на ученици кои се натпреваруваа во областите: физика, географија, хемија и биологија.
Учениците од трета година од СОУ “Мирче Ацев”-Прилеп: Исидора Стеваноска, Христијан Стомнароски, Ана Димоска, Стефан Костоски и Антониј Ацески, под менторство на проф. Виолета Проскоска Велкоска го освоија второто место во областа географија, за проектот „Сеизмичка појава – Сеизмизам“ практично предизвикувајќи спектакуларен земјотрес на показната макета. Преку нивната демонстрација, стручната комисија и заинтересираните имаа можност практично да видат како се случува земјотресот, кои фактори влијаат за појава на земјотреси, што се случува со тлото при земјотрес и сл.
Со оваа награда нашите ученици ја продолжија традицијата на врвни успеси по географија.