Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека со голема динамика се гради експресниот пат кон Прилеп, кој е од голема важност за граѓаните на Пелагонискиот регион, но и за целата држава. Според него, втората делница од овој експресен пат, е половина завршена и досега сите рокови се запазени.
Тунелот Фариш, кој беше еден од најтешките делови на оваа траса е со две цевки, од кои едната е целосно пробиена, а на другата цевка градежните работи течат со предвиденото темпо. Македонија денес е во голем инвестициски циклус, целта на Владата е патната инфраструктура во државата да ја подигне на значително повисоко ниво, бидејќи инвестирајќи во патишта, автопати, делници, експресни патишта, инвестираме во развој на економијата во Македонија, изјави Ковачевски.
Тој потенцира дека повеќе граѓаните нема да чекаат со децении и затоа власта ги дефинирала најзначајните инфраструктурни проекти, за кои, како што рече Ковачевски, ќе инсистира да се завршат во дадениот рок.
Затоа уште сега во декември, ќе ја пуштиме во употреба делницата Фариш – Прилеп, на превојот Плетвар, каде на почетокот на овој месец бев заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми. Зададените рокови тогаш се исполнуваат, тие имаат уште околу десетина дена, јас верувам дека ќе имаме готов, отворен и функционален пат во зададениот рок, истакна Ковачевски.