Врнежливо и ветровито, пад на температурите до 10 степени

Во Македонија утринава преовладува облачно време со врнежи од дожд кои се пообилни во северозападните делови. Дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а во северните делови на Повардарието дува ветер од северен правец кој повремено се засилува, додека во Скопската котлина на моменти достигнува брзина и до 50 км/час.

dozd-2

Најладно утринава беше во Берово каде се измерени 0 степени, додека во Маврово се измерени 3 степени, а во Лазарополе 4 степени. Во Крушево и Скопје Петровец температурата била 5 степени, во Крива Паланка 6, во Гевгелија, Охрид, Претор, Пожаране, Ѓуриште, Скопје и Струмица 7, во Дебар и Куманово 8, во Битола 9, Дојран, Прилеп, Виница и Тополчани 10 и во Тетово, Штип и Демир Капија 12 степени.

Повремените врнежи од дожд ќе се задржат и во текот на денот, а на повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Повеќе врнежи односно над 25 л/м2 се очекуваат во северозападните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец, а во текот на денот ќе го смени правецот во северен, што ќе предизвика опаѓање на дневната температура за околу 7, а во северните делови и за 10 степени.

Највисоката температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 7 до 14 степени.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.