Вработување за 600 лица: Во Македонија стартува со работа компанија која ветува високи плати

Премиерот Христијан Мицкоски најави нова странска инвестиција во Штип. Како што изјави денеска, оваа недела ќе почне со работа производниот капацитет на „Магна“, странски инвеститор во Штип, со нови 500 – 600 вработени. Се очекува компанијата да дели високи плати.

– Странски инвестиции секојдневно доаѓаат, разговараме и имаме некои петнаесетина што се во процес на развивање и очекувам од тие најмалку половината да бидат успешни, ако не и сите. Со задоволство можам да кажам дека оваа недела ќе почне со работа фабриката, производниот капацитет на „Магна“, странски инвеститор во Штип, со нови 500 – 600 вработени, добро платени вработени и со инвестиција што беше 45 – 50 милиони евра – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на струмичко Ново Село.

Со тоа, додаде премиерот, државата повторно се зацврстува во регионот како дестинација за странски инвестиции, дестинација што ќе генерира и апсорбира најголем број странски инвестиции по глава на жител. Според Мицкоски, таа цел лани била реализирана, а целта е слична и годинава.

„Магнамехатроникс“ (Magna Mechatronics) е дел од „Magna International“ – една од најголемите компании во светот за автомобилски компоненти, со седиште во Канада и присуство во над 28 земји. Специјализирана е за производство на интелигентни мехатронски системи – комбинација од механика, електроника и софтвер – кои се вградуваат во возила на водечките светски брендови.

Компанијата произведува компоненти како што се системи за заклучување, електронски контролни модули, автоматизирани врати, и иновативни решенија за безбедност и комфор. Нивните технологии се користат во возила од висока класа, со фокус на автоматизација и интелигентни решенија кои го менуваат начинoт на кој возилата функционираат.

„Магнамехатроникс“ е водечки пример за тоа како високата технологија, инженерството и иновациите се претвораат во производи што се дел од секојдневието на милиони возачи ширум светот. Компанијата вработува илјадници инженери и стручњаци и има годишен приход од повеќе од 40 милијарди долари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.