Советниците на денешната 47 седница на Советот на Општина Прилеп на дневен ред ја донесоа одлуката за престанок на мандат на член во Советот на општина Прилеп и одлуката за верификација на мандат на нов член во Советот на Општина Прилеп.
Ваквата промена е направена поради преземањето на функцијата директор на ЈЗУ Општа Болница “Борка Талески“ – Прилеп од страна на Кире Јоноски, од редовите на владејачката советничка група на ВМРО – ДПМНЕ, и неговата поднесена оставка за советничкиот мандат, а на негово место е верификуван мандатот на Александар Алексоски, кој беше следен според советничката листа на од локалните избори во 2021 година.
Алексоски е дипломиран економист кој работи како супервизор на производство во компанијата “Гентерм”. Очекувањата на граѓаните секако се дека Алексоски ќе биде мост помеѓу Советот и компанијата, и дека со неговиот ангажман како советник, би можело да се поттикне уште поголема општествена одговорност и донации од оваа странска компанија во Прилеп.
Покрај промената во советничките редови, советниците одлучуваа и по други точки од дневниот ред. Тие денеска дадоа согласност за измена и дополнување на решението за формирање комисија за општествени дејности и права на децата, за измени и дополнувањата на Буџет на Општина Прилеп за 2024 година, за измени и дополнувања на програмата за субвенционирање на јавните комунални претпријатија за 2024 година, како и согласност за измени и дополнувања на планот на развојните програми на Општина Прилеп за 2023-2025 година.
Со мнозинство на гласови беше усвоена и предлог-одлуката за утврдување на приоритет на проектот “Изградба на фабрика за рециклирање на отпад„.
На денешната седница пред советниците, пред стартот на новата учебна година, се најдоа и беа разгледани годишните извештаи за работа за 2023/2024 година и годишните програми за работа за учебната 2024/2025 година на сите основни училишта во Општина Прилеп и беа прифатени од мнозинството советници.