Вработениот од Тутунска имал помош при грабежот – МВР со нови детали

 policija2

Во врска со случајот на затајување во НЛБ Тутунска банка по дополнително преземени мерки и дејствија како и обезбедени докази, Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе писмено известување за 43-годишниот Г.С. кој инаку е брат Б.С како и 24-годишната Е.П. која е вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ Тутунска Банка, заедно со 38-годишниот Б.М. пријател на првопријавениот, сите од Скопје. Тие му помогнале на скопјанецот кој зеде 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра од Тутунска банка и со тоа го изврши најголемиот грабеж во Македонија.

На 4. месецов Б.С. околу 17  часот на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со објаснување дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога истиот би ја извршил конверзијата. После половина час, Б.С. заедно со неговиот брат Г.С. пристапиле кон шалтерот при што од страна на Г.С. на Е.П. и биле предадени 95.000 евра заедно со негова лична карта, за да преку неговата трансакциска сметка изврши конверзија на наведените девизи во швајцарски франци. Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Б.С. и кажал дека парите тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Од страна на Г.С. биле потпишани сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95.000 евра во благајна, по што по завршување на смената истата заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту пак имала вишок парични средства.

Од извршениот увид во снимките од видео надзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е и неговиот брат пријавениот Б.С.  од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак Е.П. му исплаќа пари на Г.С. ( наводните 100.000 швајцарски франци) како би се завршила конверзијата. Всушност на овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот направен од првопријавениот (првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци).

Понатаму, на 07. месецов во попладневните часови додека Е.П. била на смена повторно постапувајки по упатства на Б.С. преку системот на достава од трезорот кога на смена бил истиот, примила парични средства во апоени од по 500 и 100 евра, вкупно 375.000 евра, за кои таа без да подготви било каков банкарски документ за потреба од вакви парични средства во благајната и без да биде изготвен документ за исплаќање на парите од трезорот, на рака му ги предала на Б.С. по што тој овие парични средства ги присвоил за себе и се одалечил од екпозитурата на банката.

На 10. месецов Б.С. откако противправно присвоил уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор и овие пари ги ставил во украсна кеса околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил банката. По напуштањето на банката, кесата со парите му ја предал на неговиот брат Г.С. кој пак му ги предал на  третопријавениот Б.М. Наредниот ден на 11/04/2017 година после 14:00 часот на Граничниот  „Табановце“ со  Србија, со моторно возило „Фолксваген Голф“ ја напуштил територијата на Македонија.

Во текот на вчерашниот ден Б.М. беше лишен од слобода и истиот е изведен пред судија на претходна постапка.

Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан, за утврдување на кој начин од банката Б.С. изнел дополнително и уште 300.000 швајцарски франци.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.