Штрајк со глад најавуваат работниците на „Еурокомпозит“ од пред Владата ако во најбрз рок не им го исполнат ветувањето за исплата на заостанатите плати и придонеси. По средбата со владините претставници добиле ветување дека за неколку дена ќе им легнат пари на сметка, но и покрај тоа работниците веќе и не веруваат во ништо – oбјави “Алфа ТВ”.
Во знак на револт тие поставија и шатори пред Владата каде ќе кампуваат се додека не им се подмири долгот.
– Ова е неиздржливо, ако треба и ќе гладуваме. Се согласуваме и очекуваме да се исполни најавата дека отпремнините за нас ќе се исплатат до петок или најдоцна в понеделник. Но, бараме конкретни рокови за исплатата на заостанатите плати и придонеси, ни изјави претставникот на Иницијативниот одбор на работниците прогласени за технолошки вишок Пеце Велканоски.
Вработените од прилепски „Еурокомпозит“ откако од Прилеп дојдоа во Скопје и ги поставија шаторите, по како што велат, неуспешниот состанок, биле замолени за решение да почекаат до понеделник. Тие бараат конкретни рокови за понатамошното решавање на проблемот со заостанатите плати и придонеси.
– Ни рекоа да почекаме до утре или до понеделник, но на лагите им нема крај, се жалат работниците.
Работниците од „Еурокомпозит“ со месеци си ги бараат 18-те заостанати плати, неисплатените придонеси за 7 години, како и ветената отпремнина 154 работници, зашто добар дел од нив доброволно прифатија да заминат како технолошки вишок. Инаку, прилепскиот загубар само на вработените им должи околу 5 милиони евра.
Борис Грујоски за “Алфа ТВ”