По повод големиот христијански празник Велигден, во дворот на ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ во Прилеп ќе се одржи традиционалниот Велигденски панаѓур – настан кој на едно место секоја година собира стотици посетители, ученици, но и родители, баби, дедовци….
Панаѓурот ќе се одржи во четврток, на 9 април 2026 година, со почеток во 11:00 часот.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата изложба на рачно изработени предмети, создадени од вредните ученици, нивните родители и наставници, и секако да си купат нешто за дома и да ја разубават празничната атмосфера во домот. Панаѓурот има за цел да го долови празничниот дух и да ја поттикне креативноста и заедништвото во училиштето.
Од училиштето упатуваат покана до сите граѓани да присуствуваат и да бидат дел од оваа убава велигденска приказна.























