Во “Цепенков” отворена изложбата „ЖИВИ АРТЕФАКТИ“ на уметникот и скулптор од Прилеп, Филип Јовески (ФОТО)

„ЖИВИ АРТЕФАКТИ“, е самостојната изложба на мултимедијалниот уметник и скулптор Филип Јовески,што синоќа беше отворена во Ликовната галетија на ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп.

Ликовниот јазик во творечкиот опус насловен „Живи артефакти” на мултимедијалниот уметник Филип Јовески се одликува со јасни геометриски и колоритни традиционални орнаменти.

– Преку употребата на аугментативната реалност, живите орнаменти дигитално се отелотворуваат во визуелни трајни ликовно-семиотички облици и симболи во материјалниот свет.

Модифицираните ликовни креации пулсираат во просторот, создавајќи комуникација меѓу реалниот и дигиталниот свет. Реконструираните колоритни орнаменти преку аугментативната реалност се трансформираат во сеќавања врежани во просторно-временски континуум.
Во творештвото на Јовески е воочлива потрагата по исконска заоравена мудрост, преточена во ингениозно смислен ликовно-симболичен јазик сочуван во колективната меморија на претците.

Судирајќи се со одамна заборавените традиционални „генетски” кодови, индивидуата остварува комуникација и однос со минатото. Интеракцијата меѓу „живите артефакти” на минатото и современиот човек се одвива преку временско-просторен портал. Низ овој портал се среќаваат колективната меморија на групата—отуѓена и заборавена во минатото—и индивидуалната свест на поединецот. Симплифицираните геометриски облици добиваат мистична димензија, трансформирајќи се во дигитални ентитети со изменет визуелен идентитет. Од колоритни форми насликани на дводимензионална површина, тие еволуираат во тридимензионални дигитални скулптури.

Во своето ликовно творештво Јовески го вградува културниот генетски код на македонскиот народен идентитет, издвојувајќи разновидни симболи кои се вткаени во народното македонско творештво. Интеграцијата на овие „генетски” кодови истовремено претставува и продолжеток и иновација на традиционалната култура и фолклор -рече на отворањето на изложбата м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Со оваа изложба Филип Јовески претходно се претстави во КИЦ во Белград, Србија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.