Од денеска до среда на плоштадот “Методија Андонов – Ченто” во Прилеп се одржува фестивалот на медот. Ова е 13-то издание на оваа манифестација и е дел од програмата за одбележување на Денот на народното востание – 11-ти Октомври.
Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, денеска го посети фестивалот, а потоа на социјалните мрежи напиша:
-Нешто што заслужува почит поради тоа што сите вие тука присутни учесници се трудите да допринесете за подобро здравје кај нашите сограѓани. Здравје во тегла е она што во овие три следни денови ќе им го понудите на Прилеп и прилепчани.Добивањето на медот е подарок од природата за сите нас.
Природниот мед претставува единствена нерасиплива храна, која со тек на времето може само да го менува обликот но не и да се расипе. Оваа одлика ја истакнува неговата вредност и потврдува зошто оваа вкусна и здрава намирница била употребувана како природен засладувач уште во праисторијата.
Упатувам честитки до Пчеларското здружение Братство, како и до сите останати здруженија и самостојни пчелари за оваа организација на фестивалот на медот и се надевам дека заедно ќе ја постигнеме целта, а тоа е да се поттикне производството на мед и да се влијае врз порастот на неговата потрошувачка.
Ви посакувам успех во производството и ги поттикнувам сите оние кои што имаат желба да започнат да се занимаваат со пчеларство а на сите наши сограѓани им препорачувам редовно да го консумираат медот и пчелните производи затоа што навистина тоа е инвестиција во нашето здравје.