Во храмот Св.Пантелејмон во дворот на прилепската болница, отслужена Света Литургија по повод 7. април – Светскиот ден на здравјето (ФОТО)

По повод 7 април – празникот на Светото Благовештение и Светскиот ден на здравјето, во храмот „Свети Пантелејмон“, во дворот на болницата, се отслужи Света Литургија во чест на празникот, а за телесно здравје и духовно спасение на сите вработени од нашата болница, почнувајќи од лекарите, медицинскиот персонал, техничкиот персонал, како и за сите болни кои се хоспитализирани во болницата, но и за сиот правоверен народ. Ова беше прва Литургија по повод овој празник, со надеж дека ова празнување ќе премине во традиција секоја година.

Празнувајќи го денешниот голем ден, Црквата потсетува дека односите со Бога и со луѓето не се загрозени само од болеста, туку пред се’ – од гревот. Затоа, Христос кога лекува болести, Он ги простува и гревовите и на тој начин ја лекува целата личност. Здравјето не е статичка вредност. Тоа е динамично и секогаш може да се подобри! Дури и кога не чувствуваме болка, подобро здравје значи – повеќе енергија! А во Светото Писмо можеме да најдеме многу здравствени правила и упатства, до кои, како православни христијани треба да се придржуваме. Меѓутоа, Светото Писмо не ги дава сите одговори на прашањето за човечкото страдање. Божјите патишта, кога станува збор за болеста, често остануваат многу мистериозни за човекот (Рим. 11: 33) и секогаш не’ ставаат пред предизвикот на верата дека Бог се’ им придвижува кон добро, на оние што Го љубат (Рим. 8: 28).

Нека Господ Бог и Пресвета Богородица ни ги чуваат здравствените работници, нека им ги исполни сите добри намери и желби, нека им дарува мир во срцата, спокојство во семејствата и добар и успешен плод во работата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.