Процесот на легализација на бесправно изградените објекти продолжува со несмалено темпо. Во собраниската сала на општинското собрание беа доделени нови 60 решенија, со кои локалните геодетски фирми и урбанистичката служба при општина Прилеп, го потврдија завршувањето на процесто на утврдување на имотно-правната сопственост на недвижен имот.
Градоначалникот Марјан Ристески, при доделувањето на решенијата за диво изградени објекти истакна, дека паралелно со физичките лица, решенија се доделуваат и на правни субјекти, за легализација на диво изградени деловни простори.
“Ваквото темпо на легализирање на дивоградбите во Прилеп се должи на добрата соработка со Агенцијата за Катастар на недвижности и геодетските служби”, истакна тој, нагласувајќи ја важноста од овој закон, како еден од најдобрите закони кој го донела Владата за граѓаните, да можат да станат сопственици на својот имот.
Општина Прилеп ги повикува сите граѓани кои ја немаат докомплетирано документацијата да не ги чекаат последните денови од предвидените рокови, туку што поскоро да ја достават до административните служби. Крајниот рок за комплетирање на документацијата, за новоподнесените барања кои пристигнаа во продолжениот рок истекува до крајот на 2017 година, а за граѓаните кои претходно имаат поднесено барање, до 31.декември годинава.