Во Словенија снег, во Хрватска големи поплави, доаѓа циклон и кон Македонија (Видео)

Во текот на вчерашниот ден невреме ги зафати Истра и северниот Јадран во Хрватска.

Како што јавија хрватските медиуми, локално наврнале над 80 литри дожд на метар квадратен до 14 часот, а најмногу дожд наврнал во Ровињ – 106 литри. Пореч е под вода, а на Платак паднал снег.

Порталот Индекс објави дека невремето, придружено со пороен дожд и грмежи, најмногу ги погодило Ровињ, Истра и Кварнер.

Во пошироката област на Загреб може да наврнат од 20 до 40 литри дожд на метар квадратен, од 25 до 45 во областа Карловац.

Покрај обилни врнежи, метеоролозите најавуваат и грмежи, особено во Сплит и Риека.

Бидејќи температурата на морето е сè уште релативно висока, можен е развој на силно невреме над морето. Снег падна и на Крањска Гора, познат ски-центар во Словенија.

Во Македонија под влијание на циклонска активност денеска попладне, во текот на ноќта и во вторник претпладне ќе биде облачно со врнежи од дожд.

Врнежите ќе почнат од запад, а во вечерните и ноќните часови зоната на врнежи ќе се прошири во целата земја.

На повеќе места се очекуваат обилни врнежи, од 30 до 40 литри на метар квадратен за 24 часа, а локално и повеќе, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Во ноќните и раните утрински часови кон вторник, врнежите на места ќе бидат поројни и проследени со грмежи.

Ќе дува засилен ветер, утре од југоисточен, а во вторник од југозападен правец.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.