Македонската Православна Црква – Преспанско Пелагониската Православна Епархија, од името на нејзиниот надлежен епахиски архиереј, Митрополитот Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, заедно со чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ – им изразува длабоко молитвено и сострадателно сочувство на семејствата на сите настрадани во пожарот во Кочани.
Го молиме Христа Распнатиот и Воскреснатиот, Господарот на животот и Победителот на смртта, да им дарува покој на душите на загинатите и настрадани, да ги всели во преградките на Авраама и со праведниците да ги упокои. Нашата татковина Македонија и Македонската Православна Црква изгуби дел од својата иднина, изгуби млади садници и фиданки, што требаше допрва да се разгрануваат. Од нашата автокефална Македонска Црква и нашата самостојна и суверена татковина Македонија глас се слуша, ридање и пискот голем, зашто плачеме над своите чеда и не можеме да се утешиме зашто ги нема. (сп.Матеј 2,18). Но, Господ Спасителот, кој е утеха и Надеж наша, да ги прекрати нашиот плач и ридање, а ние со нашите молитви да испливаме и да ги надминеме сите овие искушенија и темнини што се надвиснале над нас и да прибегнеме кон Неговото тивко пристаниште.
На оние што се борат за живот и се лекуваат во болниците на нашата држава и во болниците ширум светот, Господ Лекарот над лекарите да ги исцели и да ги подигне од нивните болеснички постели.
По тој повод ширум нашата Преспанско – Пелагониска Православна Епархија, во сите храмови, на 22.03.2025 во сабота, на празникот Младенци, ќе се богослужат заупокоени Св. Литургии за упокоените и вечно живи пред Христа Господа, а за оние кои се лекуваат, ќе се богослужи Молебен за нивно побрзо закрепување и оздравување.
Господ да стави рака и да прекрати секаква рана, секаква болка и тага.
Бог да ги прости упокоените, да им подари рајска населба, а на болните здравје, закрепнување и оздравување.
„Господи на Силите со нас биди, зашто друг Помошник во маките освен Тебе немаме, Господи на Силите помилуј нè!“ (стихови на Великото Повечерие).
Ваш постојанен молитвеник пред престолот на Бога,
Митрополит Преспанско – пелагониски и
Администратор Австралиски и Новозеландски
Г. Петар.