На 31 мај 2025 – од 20.00 часот на сцената од ЦК „Марко Цепенков“, театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја прикаже претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска.
По повод премиерата денеска во ЦК „Марко Цепенков“ се одржа прес конференција.
ЧИСТА КУЌА
Автор: Сара Рул
Режисер: Тамара Стојаноска
Превeдувач: Тамара Стојаноска
Драматургија: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија, дизајн на плакат и рекламен материјал: Филип Коруновски
Музички соработник на режисерката: Ана Митоска
Избор на костими: Тамара Стојаноска во консултација со актерската екипа
Продукција: НУЦК „Марко Цепенков“ Нaроден Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Фотографија и видео: Fun Production
Актерска екипа:
ЛЕЈН – Даниела Иваноска
МАТИЛДА – Наташа Ачански
ВИРЏИНИЈА – Катерина Чакмакоска-Клинческа
АНА – Јасмина Мицовска Станкоска
ЧАРЛС – Димитар Ѓорѓиевски
Техничка екипа:
Инспициент: Елена Иваноска
Тон-мајстор: Томе Темелкоски
Светло: Ристе Гркоски
Шеф на сцена: Сашо Смоквоски
Реквизитер: Гоце Наумоски
Сликар исполнител: Пеце Ристески
Гардеробер: Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер: Даринка Богоеска
Декоратери: Роберт Стојкоски, Владимир Владимировски, Јане Јанкулоски
Раководител: Михајло Миленкоски
Директор: Марија Попова Јованоска
За претставата:
„Чиста куќа“ по текстот на Сара Рул е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.
Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е.
Чистењето во оваа претстава не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите ни блескаат, внатре во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето овде станува чин на грижа, на бегство, на обид за враќање контрола, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг.
Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито.
„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност.
– Тамара Стојаноска