Во четврток 19 мај 2016, со почеток од 18.00 часот, во ЦК “Марко Цепенков” – Прилеп, Македонската филхармонија ќе го прикаже СИМФОНИСКИОТ ДЕТСКИ КОНЦЕРТ „ ПЕТРЕ И ВОЛКОТ“.
Оркестарската свита „Петре и волкот“ e едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
Свитата е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Напишана е за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите посетители се запознаваат со составот на оркестарот. На пример, во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре итн…. -Приказната го следи Петре кој поминува некое време во куќата на својот дедо сместена во шума.
Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати…велат организаторите. Наратор е миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре. Со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира маестро Борјан Цанев. Гостувањето на Македонската филхармонија во градот е дел од мисијата да се влијае врз музичката едукација на младите за овој вид уметност.