Прилеп се подготвува за 11. организирана прослава на светецот заштитник „Свети Никола“. По овој повод, пет здруженија на жени, традиционално, го почнаа виткањето на малите посни сарми со кои градот влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Годинава, малите посни сарми се приготвуваат во хотелот „Липа“. Домаќин е конфекцијата „Васидора“. Сопственикот Јоргос Василопулос вели дека ги набавиле сите намирници потребни за прославата на празникот.
– Петте здруженија на жени од Прилеп ќе приготват 65.000 мали посни сарми. За таа намена се набавени 1.200 килограми зелка, 80 килограми ориз, 40 килограми црвен пипер, 300 литри масло за готвење. За сите гости на посната трпеза која ќе биде во Центарот на Прилеп в понеделник, на празникот „Свети Никола“, се набавени 200 килограми грав, 350 килограми риби, 100 килограми маслинки, 100 килограми овошје, 2.000 литри бело и црвено вино и 100 литри ракија, изјави Василопулос.
Според градоначалникот Марјан Ристески, „Свети Никола“ се слави со векови во Прилеп, востановена е голема традиција. – Благодарност до здруженијата на жени кои вредно, секоја година, ги виткаат надалеку познатите мали посни сарми. Оваа традиција многу значи за Прилеп кој последните години на големо се развива, инфраструктурно и економски, рече Ристески.
В понеделник изутрина е литургијата во црквата „Свето Благовештение“. Литија ќе се движи до центарот на градот, до параклисот каде ќе биде и централното чествување на празникот. Потоа е и посната трпеза на булеварот, а ќе има и изложба на икони посветени на големиот светец „Свети Никола“ во домот на културата „Марко Цепенков“.
Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.