Во организација на планинарското друштво „Мамути“, денеска во Прилеп по прв пат се одржа планинарски марш „Томе Темелкоски“. Маршот е посветен на човекот кој макотрно цели 5 години го градеше планинарскиот дом на Селечка планина. Стартот на маршот беше во 8 часот од кај манастирот „Св. Димитрија“ во село Селце, а потоа патеката продолжи со посета на повеќе места на Селечка планина, за повторно да заврши во манастирот каде организаторите за сите присутни обезбедија ручек.
„Се надеваме дека сите учесници кои присуствуваа на настанот се задоволни. Маршот е посветен на човекот кој го изгради планинарскиот дом на Селечка планина како и споменикот Устрелец кој е посветен на загинатите бранители на Карпалак. На денешниот ден учествуваа околу 300 учесници од повеќе градови на Македонија“, изјави Маријана Георгиевска, член на планинарски клуб „Мамути“.
„Патеката ја поминавме одлично, немаше никакви проблеми. Ги посетивме едни од најубавите предели на Селечка планина како што се Домаќинско чешмуре, Стогови, Врапчето, споменикот Устрелец, планинарскиот дом на Темелкоски, потоа се упативме кон карпата која има форма на желка и се вративме тука во манастирот Св. Димитрија во с. Селце. Патеката беше долга околу 12 км“, истакна Владимир Јованоски, член на планинарски клуб „Мамути“.
Инаку Темелкоски планинарскиот дом го градел заедно со Вилета Проскоска, која исто така денеска учествуваше во маршот и се потсети на времето како заедно со Темелкоски го изградиле овој дом.
„Со Темелкоски се запознаваме во планинарското друштво „Козјак“ и често пати шетавме во природа. Местото каде сега го изградивме домот беше запуштено и ние самоиницијативно започнавме да го расчистуваме и да копаме. Градежните материјали ги носевме со коњи и маски, се се градеше рачно, без механизација, а во изградбата ни се приклучија потоа и повеќе граѓани. Домот започнавме да го градиме во 2005 година, а го завршивме во 2010. Напорна беше изградбата, но љубовта кон природата сепак победи. Сега младите од клубот „Мамути“ направија марш во чест на Томе, многу сум им благодарна и сакам да се продолжи ова како традиција и оставам апел младите да чуваат домот и да не се уништува“, потенцираше Вилета Проскоска, градител на планинарскиот дом на Селечка планина.
Маршот беше поддржан и од локалната самоуправа на Општина Прилеп.
„Денес дојдовме да ги поддржиме планинарите кои зедоа учество во овој марш. Преку 300 ентузијасти и љубители на природата зедоа учество на настанот. Локалната самоуправа секогаш ги поддржува овие планинарски активности кои се поврзани со запознавање на убавините на Прилеп“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од друштвото „Мамути“ истакнаа дека овој марш планираат да се организира секоја година, токму на овој ден на празникот Томина недела.