Во Прилеп се одржа меѓународната велосипедска трка „Цевитана downhill Топташ 2017″

1-IMG_8489

Денеска во Прилеп, во организација на клубот за екстремни спортови „Skyriders“, се одржа втората меѓународна downhill велосипедката трка насловена како „Цевитана downhill Топташ 2017“. На неа учествуваа 65 учесници од Македонија, Црна Гора и Бугарија. Трката се одржа на месноста Топташ во близина на Прилеп и беше долга околу 2 км. Учесниците беа презадоволни од организацијата на трката и од тоа како е подготвена стазат за ваков вид на натпревари. Инаку ова засега е единствената трка во downhill во Македонија.

1-_MG_8235

„Со downhill  се занимавам пред се поради добрата забава и дружба. Иако спортот спаѓа во адреналинските спортови, не е многу екстремен и опасен, можеби на почеток, но потоа ти станува дел од тебе и вообичаена навика. Стазата е супер направена, мазна, песоклива, мазни карпи, супер е за ваков вид на возење“, рече Гоце Таневски, учесник од Скопје.

„Во квалификациите стазата ја извозив за околу 3 минути и 19 секунди, но во официјалниот дел ќе се потрудам тоа да го направам и побрзо. Со овој спорт се занимавам повеќе години бидејќи е адреналински спорт. Со него во Македонија многу малку засега се занимаваат, можеби само околу 100-тина луѓе, тој сеуште е во зародиш кај нас. Спортот е опасен и треба многу тренинг како физички така и психички“, кажа Христијан Кулевски, учесник од Битола.

1-_MG_8247

„Стазата за разлика од лани е доста подобрена и е одлична. Ова е единствена трка засега во downhill во Македонија, мислам дека се планира до крајот на годината да се направат и вакви трки во Скопје и Битола, но ќе покаже времето“, вели Бобан Нунчевски, учесник од Скопје.

И странците кои денеска беа присутни во Прилеп исто така беа презадоволни од тоа како се одвиваше целиот натпревар.

1-_MG_8406

„Дојдовме од Црна Гора, организацијата е одлична, задоволни сме од домаќините. Стазата е прилично тешка и треба доста да се внимава. Downhill мислам дека годинава на целиот Балкан е во висок подем и мислам дека наредната година ќе има уште повеќе вакви трки. Доколку некој сака да се занимава со овој спорт една просечна опрема, купена нова, за добро возење и добра заштита чини околу 3.000 евра“, истакна Јован Бабовиќ, учесник од Црна Гора.

„Организацијата тука е одлична, дури и повеќе од одлична, максимално сме задоволни од се. Целиот живот го поминав во екстремни спортови, мото крос, велосипедизам, сега и downhill, го сакам бидејќи зависам од адреналинот“, Александар Трифуновиќ, учесник од Црна Гора.

1-IMG_8288

„Патеката е добра, песоклива, во квалификациите јас паднав и изгубив многу секунди, но се надевам дека тоа нема да го повторам во официјалниот дел на трката. Сакам да кажам едно големо браво за организаторите“, кажа Антон Коларов, учесник од Бугарија.

Инаку downhill е вид на спорт со велосипеди кој кај нас моментално сеуште е во развиток. Велосипедистите не се искачуваат нагоре по планината туку со велосипедите само се спуштаат надолу. Патеката „Топташ“ е исполнета со екстремни скокови и се вози по доста тешки терени и секции и е доста привлечна за љубителите на downhill велосипедските трки.

1-IMG_8493

„Со поддршка на Општина Прилеп, „Витаминка“ и другите спонзори успеавме да ја реализираме оваа трка. Ние како клуб продолжуваме со организација на екстремните спортови, клубот досега ги негува натпреварите во мото крос, параглајдерство и downhill и се надевам дека во иднина ќе привлечеме што е можно повеќе млади да се занимаваат со нив. Годинава има 50% повеќе учесници од лани, некои возеле и светски купови и се надеваме дека наредната година ќе организираме уште поголем натпревар. Ова е единствен натпревар во downhill кој се организира во Македонија“, изјави Ѓорѓи Манчески, претседател на клубот за екстремни спортови „Skyriders“.

1-_MG_8414

Натпреварот се одвиваше во три категории, и тоа од 18 години па нагоре, потоа јуниори и третата латегорија е за велосипеди само со преден амортизер и назад со тврда вилушка. Овој спорт се развива во Прилеп 10-тина години за да кулминира со овие трки кои се организираа лани и годинава.

„Благодарение на клубот „Skyriders“ за екстремни спортови се организираше ова трка и се направи оваа downhill патека. Станува збор за доста екстремен и привлечен спорт кој влегува во картата на екстремни спортови кои се развиваат тука во Прилеп. Со ова стануваме и дефинитивно центар за развој на екстремните спортови на Балканот. Ние и понатаму заедно со клубот „Skyrides“ ќе ги поддржуваме овие спортови, а секако крајната цел е развој на тој алтернативен спортски туризам“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

1-_MG_8417

Годинешната трка ќе биде и бодувана и ќе добие и официјален државен карактер.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.