Во организација на Др. Зероски и покровителство на “Лајонс клуб” од Прилеп и “Кафе Чоше”, вчера во Прилеп се одржа крводарителска акција во спомен на Др. Лилјана Зероска, основач на трансфузиолошката служба во Прилеп.
Акцијата се одржа во соработка со Црвениот крст од градот под Марковите Кули, а свој придонес дадоја 30 крводарители, на кои потоа им беа врачени благодарници.
Во вечерните часови, се одржа и хуманитарен концерт кај Градскиот Саат, каде настапија младиот вокал Филип Николоски, младите таленти од музичкото училиште “Матрикс”, дуото Борче и Игор, како и Теди и Рубин и Ѓоко Ѓорчев.
Голем број прилепчани уште еднаш ја потврдија својата хуманост преку донации за децата со попреченост од Центарот “Ѕуница”.
Еден одличен настан кој вреди да прерасне во традиција и да добие уште поголема афирмација во иднина.