Градот под Марковите кули беше домаќин со низа настани во рамки на кампањата за подигнување на јавната свест и поддршка во борбата против климатските промени под мотото „Климата се менува, од нас зависи”, во организација на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија.
На настанот во Прилеп посетителите имаа можност преку едукативни материјали, брошури и дискусии одблизу да се запознаат со климатските промени, нивните негативни ефекти врз животната средина, како и начините за нивно ублажување и адаптација кон истите преку промени во секојдневните навики на секој поединец.
Во Прилеп, во рамки на овој проект, во партнерство со општината и граѓаните, се изработи долгорочна и стратегија за климатски промени на општината, а во почетна фаза е спроведувањето на приоритетната мерка за адаптација кон климатските промени – санација и репарација на водоводните каптажи на старите градски извори за пивка вода, што ќе овозможи одржливо користење на водата за пиење и зголемената ефикасност на системот на водоснабдување во општина Прилеп.
Кампањата, насочена кон целокупната локална јавност, се реализира преку еднодневни настани во десетте општини каде што се спроведува проектот: Студеничани, Пехчево, Делчево, Виница, Богданци, Кривогаштани, Прилеп, Боговиње, Маврово Ростуше и Теарце и ќе трае до 22 октомври.