Со планинарски марш, кој започна од месноста Слива во Мариово, а заврши во манастирот Св. Димитрија во селото Селце, денеска во Прилеп беа одбележани 73 години од Февруарскиот поход. Овој партизански поход е изведен од 31 јануари до 26 февруари 1944 година на целата територија на Македонија. Кракот 1, од овој поход, бил тргнат кон Велес, Азот и Поречието, така што стотиците планинари кои денеска зедоа учество во овој марш одеа по дел од патеките по кои оделе партизаните во тоа време. На свеченоста присуствуваа претставници на организацијата на борци на Македонија и Прилеп, голем број планинари како и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Февруарскиот поход со сите негови три правци донеле едно раздвижување на ослободителното движење во Македонија, формирање на нови воени единици и понатаму ослободување на Македонија. Неговото значење е големо затоа што до пред походот полицијата се справувала со сите т.н. бунтовници во Македонија, а после него е вклучена и 5-тата бугарска армија, што докажува дека непријателот забележал дека сега има работа со сериозна сила, за која треба друг тип на организација за да се сузбие. На сите треба да им биде јасно со какви тешкотии се соочувале учесниците на тој поход за да не мислат некои дека денешната држава ни е поклонета, туку за неа се дадени голем број на жртви, а особено од Прилеп кој е прогласен за град Народен Херој, град кој дал 15 Народни херои, а има исто така и голем број првоборци. Што значи голем број прилепчани дале придонес за денешна слободна Македонија“, истакна Верка Бунтеска, в.д. претседател на Републичкиот одбор на Сојуз на борци.
Претседателот на боречката организација на Прилеп, Круме Соколоски, потенцираше дека ние како сегашни генерации мора да си го почитуваме нашето минато и историја, затоа што без минато еден народ немал сегашност ниту пак иднина.
„Сојузот на борците заедно со локалната самоуправа на Прилеп секоја година достојно ги одбележува настаните од НОБ, особено овој настан кој има големо значење за движењето низ цела Македонија. Со овој марш ние им даваме почит и благодарност на сите учесници во НОБ кои ги дадоа своите животи да се формира македонската држава. Воедно му оддаваме почит на сите родољуби кои во минатото учествувале во Кресненското, Разловечкото, Карпошовото, Илинденското востание и Мариовската буна, кои нежалејќи, ги дадоа своите животи за слобода и формирање на македонската држава. Мислам дека соработката со локалната самоуправа, планинарските друштва и АРМ ќе продолжи и понатаму со голем интензитет“, рече Круме Соколоски, претседател на борци на Прилеп.
Локалната самоуправа на Прилеп постојано ги поддржува сите настани кои се поврзани со одбележувањето на значајни датуми од НОБ и има одлична соработка со организацијата на борци од Прилеп.
„Февруарскиот поход претставува еден од најзначајните настани во македонската историја за ослободување на Македонија и затоа локалната самоуправа на Прилеп секоја година дава безрезервна поддршка за одбележување на овој ден во соработка со организацијата на борци, планинарските здруженија и сите почитувачи на ова големо дело. Целта е да се потсетиме на минатото и историјата и да продискутираме за сегашноста и иднината. Во соработка со организацијата на борци од нашиот град реконструирани се Могилата на Непобедените, обновена е Алејата на народни херои, реконструиран е и Участакот, а за оваа година имаме два заеднички проекти кои ќе ги реализираме, а тоа се надополнување на бистите во Алејата на Народни херои и изградба на споменици на Мирче Ацев и битката на Ножот во централното градско подрачје. Сите овие животи кои во минатото се дадени за Македонија ние треба да ги почитуваме затоа што тие се бореле за самостојна Македонија, онаа во која ние денес живееме и ние нетреба да го нарушиме тоа“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од локалната самоуправа на Прилеп истакнаа дека и понатаму ќе продолжат наголемо да ги поддржуваат и другите проекти поврзани со НОБ и организацијата на борци од Прилеп.