Синоќа во Ликовната галерија на ЦК”Марко Цепенков”Прилеп, беше отворена изложбата “Сеќавање” од Васил Костов. Изложени се 27 дела со кои се заокружува и се остварува замислата на Васил Костов – комплетна презентација на уметничкото достигување, најголем успех во ликовната дејност кој остава печат на уметник на прилепската, македонската ликовна сцена и пошироко.
Изложбата ја отвори Елена Чагороска, историчар на уметност, која рече дека се презентирани дела со разновидна техника и материјали: масло на платно, акварел, гваш, графика, обиди на работење во дрво и други материјали.
– Последните години од животот ги посветува на непополнети моменти, сеќавања од детството, како бегалец од Егејска Македонија, со многу страдања и слики од доживеани настани. Полн со емотивни чувства, уметникот започнува секоја слика, сеќавања и доживувања да ги сублимира, со идеја да започне серијал на слики насловени како „Сеќавање“ – бегалски сеќавања од 1945 – 1952 година….Костов претпочита посредно да ја вознемири нашата индолентност, нашата духовна пасивност, да го поттикне нашиот интелект на размислување, акција, определување. Творбите на Костов во богатството на своите потенции, содржат извонредно доследен, естетски, сублимиран вид создавање, на едно колористички и обликувано, диференцирано и специфицирано ликовно творештво…..Делата предизвикуваат естетско доживување, ја покренуваат фантазијата кај гледачите, а уметникот умее да си поигра со колоритот на боите, хармоничност и потези кои го напојуваат окото на гледачот, посочи на отворањето Елена Чагороска.
Васил Костов реализирал бројни самостојни изложби во земјата и во странство, бил дел од групни изложби, а добитник е на бројни награди.