Во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска беше отворена изложбата „Вечно“ посветена на академик Богдан Богдановиќ, архитект, уметник, мислител, автор на Могилата на непобедените. Изложбата, по повод 100 години од раѓањеето на Богдановиќ, ја реализираа ЦК „Марко Цепенков“, Завод и музеј – Прилеп и Центарот ВАМ од Белград и Уметничката галерија од БИХ. Изложбата ги претставува резултатите од најновите истражувања на спомениците на Богдан Богдановиќ, не само во Македонија, заедно со богата ретроспективна поставка на целиот опус на овој автор.
Присутните на отворањето ги поздрави градоначалникот Борче Јовчески, кој посочи дека „Могилата на непобедените“ од Богдановиќ, не е само архитектонски бисер, туку жив споменик на нашата историја и идентитет.
– Проектот создава културен мост што ги поврзува народите и потсетува дека уметноста и меморијата немаат граници – рече градоначалникот Јовчески.
Марија Попова Јованоска, директор на ЦК „Марко Цепенков“ поздравувајќи ги присутните, изрази задоволство од заедничката соработка меѓу двете културни институции Центарот за култура и Заводот и музеј.
Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј – Прилеп, истакна дека со изложбата градот се навраќа на визионерството и уметноста на Богдан Богдановиќ, која зборува тивко, но длабоко.
-Богдановиќ творел во надреалистички манир, со јазик на симболика и поетика, создавајќи споменици што не изгледаат како споменици…. „Могилата на непобедените“ е едно од неговите највеличенствени дела – и единствено што, од идеја до реализација, било завршено за само една година, во 1961. … Во ова дело, изградено во мермер, нема знамиња, нема симболи на идеологија. Има тишина. благодарност и човечка топлина – рече Христоска, на отворањето на изложбата.
Автор на изложбата е м-р Маре Јанкова Грујиќ, историчар на уметност, од Центарот за истражување ВАМ од Белград, која рече дека „Могилата на непобедените“ од Богдановиќ е најлирско и најскулптурно дело со мотивите, техниката и со потези кои никогаш не биле повторени.