Денеска во Прилеп беше одбележан 1 август, Денот на сеќавањето на загинатите руски војници во Првата светска војна.
По тој повод во Прилеп беше присутен и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, а настанот е во организација на Руската Федерација и здружението на македонско-руско пријателство.
На германските гробишта пред спомен плочата посветена токму на руските војници, беше положено свежо цвеќе и беше одржана панихида.
Според амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, Денот на сеќавањето кој се одбележува во цела Русија во чест на загинатите руски војници во Првата светска војна, претставува ден кој е опомена дека проблемите меѓу народите не се решаваат со војна.
„Првата светска војна беше голема трагедија за сите земји кои учествуваа во неа и сметам дека поуката која ја извлековме од таа војна, е дека треба преземеме се’ што можеме да оваа трагедија никогаш повеќе не се повтори. Денеска им оддаваме почит на сите загинати и на руските војници кои загинале на територијата на вашата земја кои на број се 5.000. Сметаме дека треба да сме доволно мудри да во иднина тоа никогаш не се повтори“ посочи амбасадорот Сергеј Баздникин.