По повод „Денот на народната жалост“ и „Денот на примирјето од Првата светска војна“ денеска на германските воени гробишта во Прилеп, амбасадорите на Германија и Франција, Кристине Д. Алтхаузер и Кристиан Тимоние, со положување на цвеќе и поздравни говори им оддадоа почит на жртвите од тоа време.
Свежо цвеќе положија и повеќе делегации на дипломатскиот кор од земјава, делегација на Собранието на РМ, делегација од кабинетот на Претседателот на РМ, општина Прилеп, Генералштабот и припадници на АРМ, како и други здруженија.
Пораката која денеска беше упатена од Прилеп е никогаш повеќе да не се повтори еден ваков братоубиствен судир во кој учествуваа голем број на европски нации.
„Така низ победи и порази оваа ужасна војна конечно заврши со Примирјето од 1918 година што го одбележуваме денес, а посебно помислуваме на цивилното население што живеело на Македонскиот фронт и која беше прва колатерна жртва на еден конфликт помеѓу европските народи кои денес се помирени“, истакна Кристиан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.
Германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер истакна дека ова помирување помеѓу Германија и Франција треба да биде пример, особено за Балканските народи, како се надминуваат конфликтите и проблемите.
„Германија и Франција со векови наназад си причинуваа страдања и болки едни на други, и конечно во овој век започнаа да соработуваат и еве веќе 50 години тие се помирени и заеднички работат на европското дело. Таа соработка не е само помеѓу Владите на овие држави, туку помеѓу самите граѓани, а најмногу помеѓу младите луѓе. Моментално во создавње е една регионална младинска организација од земјите од Западен Балкан и мислам дека тоа е придобивката и тоа што можеше да се научи од гермнаско-француското пријателство и соработката на ова поле. Станува збор за соработка која ќе ги надминува границите, иако тие веќе и не постојат во ЕУ“, потенцираше Кристине Д. Алтхаузер, амбасадор на Германија во Македонија.