Со Божествена литургија, во црквата Свето Благовештение, со која чиноначалствуваше Владиката Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски, денеска во Прилеп, се одбележа вториот ден од Христовото раѓање – Божиќ. Денеска исто така православната црква го слави и Соборот на Пресвета Богородица како и споменот на Свети Никодим Прилепски и Тисмански.
Пред околу 2 години, на 31 март 2015 година во Прилеп, според православната црква, токму во овој храм „Св. Благовештение“, се случи чудо, бидејќи коната на Св. Никодим Прилепски, која сега стои во средината на црквата започна да мироточи. Капките од мироточењето и денес се познаваат на иконата.
„Традиционално вториот ден од Божиќ, но и вториот ден од Велигден го служам тука во овој храм, црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп, кој е втор по големина и значење во нашата Епархија. Иако температурите се некаде 20-тина степени под нулата, како што може да видите црквата е преполна со верници, што претставува особено радост за мене. Божиќ е празник на мирот и мајка на сите празници, без кој и немаше да постојат и другите празници во нашата света православна вера. Денеска го славиме исто така и Свети Никодим Прилепски и Тисмански, светител од 14 век, кој е основоположник на монаштвото во Романија, каде што тој е многу почитуван. Инаку Романија има најголем број на монаси од сите православни земји. Значи нашата црква дава светители не само за нашиот народ туку и за другите. Овој светител не удостои пред 2 години со тоа што иконата која сега стои на средината од овој храм започна да мироточи. Иако денес тоа мироточење можеби не е така обилно, сепак капките од тоа мироточење се познаваат и денес“, истакна Г. Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски.
Сппоред Владиката Петар ова било прво мироточење на некоја икона во Преспанско – Пелагониската епархија. Инаку ова е копија на оригиналната икона на Свети Нидоким Прилепски и Тисмански која ја изработил монахот Тихон од манастирот Свето Преображение – Зрзе, а оваа копија ја изработил тогаш вработениот во црквата Свето Благовештение, Стеванче Тодороски.