Во прилепско Витолиште секоја година се одржува обичај чии корени потекнуваат од предхристијанскиот период (ФОТО)

Во селото Витолиште во Мариово на 56 км од Прилеп, постои обичај што упатува на одржувањето на традицијата и културата во овој крај. Станува збор за принесување крвна жртва на празникот Илинден, односно колење вол. Обичајот се негува од претхристијанскиот период.

Адетот е забележан и на други места во Македонија, јужна Србија и Тракија. Жртвување бик е забележано и во Русија.

Жртвувањето вол е стара традиција и со непознати корени. Жртвата се коли на празникот Илинден. Затоа може да се толкува дека му е посветена на светецот Св. Илија. Жртвата се принесува на селските гробишта кај црквата Св. Илија. Доколку празникот падне на посен ден, жртвата се дава претходниот ден.

Секогаш жртвата е вол, купен од црковниот одбор, жителите на селото или некој донатор. Се подготвува претходниот ден и се чува во посебна просторија. Не се прават автентични церемонии. На празникот, наутро се собираат мажите од селото и го земаат волот. Го врзуваат и го подготвуваат на ритчето кај гробиштата. Врзан со јажиња, волот се влече кон местото на жртвувањето. Таму се врзува за метален столб на кусо.

Одбраниот човек го коли, а потоа го дере И сече на парчиња за готвење. Во подготовката учествуваат мажи. Се носат 9 или 7 казани (зависно од големината на волот) и се подготвуваат огништа за казаните. Подготовката е кај гробиштата. Се лупат компири, моркови, се подготвуваат мирудиите и сл. Бидејќи во близина е запустеното село Мелница, и таму се празнува во манастирот Св. Илија.

Подготвената жртва се јаде откако ќе заврши празнувањето во манастирот. Сите жители се собираат со сопствени садови да земат од приготвеното јадење и јадат во гробиштата или си носат дома. Најголемиот број палат и свеќи.

Во 2002 година, со помош на Локалната самоуправа, ритчето е направена голема бетонска маса за јадење на жртвата што се дава на Илинден.

Никој не памети од кога потекнува традицијата на жртвување вол на празникот Св. Илија. Постојат неколку различни верзии како започнало и зошто се прави тоа. Според една приказна, одамна во Витолиште умирале многу млади луѓе и деца и не можело да се најде лек против болеста.

На некој од жители му се сонило или претскажало дека околу селото треба да се заора бразда со два вола близнаци, а потоа десниот вол да се заколи и да се даде како жртва.

Тоа останало како завет на Св. Илија секоја година да му се дава жртва по еден вол. Некогаш традицијата била прекината. Не бил заклан вол и се случила голема несреќа при што изгорело селото. Тоа ги натерало жителите да продолжат со принесување жртва. Постои и предание дека жртвувањето почнало поради умирање на говедата.

Жртвувањат се давале во чест на боговите, да се смилуваат над дарителите и да им обезбедат успех, здравје, храна и сл. Тоа се споменуваат во Илијада од Хомер, која претставува најстар пишан текст на Балканот и Мала Азија. Се жртвувале говеда, кози, брави на повеќето богови заштитници. Најмногу на Аполон, Зевс, Дионис, Посејдон, Атена, но и на други.

Се жртвувало за среќа во војната, за мирно море, за заштита од болести и несреќи, за заштита од временски непогоди кои се третирале како бес на боговите и сл. Познат е случајот со персискиот цар Дареј, кој пред да го премине Хелеспонт да дојде на Балканот, му жртвувал стотици бикови на океанот да не му го урни направениот премин на војската.

Кога мостот паднал од бурите, царот наредил да му се удрат 300 стапови на морето и да се фрлат синџири да го оковат, бидејќи и покрај големите жртвувања, богот не се смилувал. Познати се жртвувањата наречени хекатомби, кои претставувале жртви од сто говеда. Подоцна се колеле голем број говеда. Има повеќе примери во хомеровите стихови во Илијадата.

Дали жртвување во Македонија има корени од тоа време? Крвната жртва не е традиција на христијанската религија.

И жртвата во Витолиште се прави без посебно волја на свештениците од овој крај, иако не избегнуваат да го благословат ручекот. Обредот не е проследен со посебни церемонии. Со жртвувањето се смилува божеството да обезбеди и здраво потомство, напредок и сила на селото.

Принесувањето жртва не смее да се прекини. Чинот претставува збогатување на културните содржини и аргумент за древниот континуитет на културата. Заедно со останатите белези од духовна и материјална природа се идентитетот во овој крај.

Во селото Костурино, пред колењето на бикот на Петровден, тој се кител и му се палеле свеќи на роговите. Слични обичаи се среќаваат и во селото Галиште во Мариово. Таму се жртвувале два брава, но традицијата е прекината поради иселувањето на жителите. Обредот се негува во две села кај Врање и во некои места во Тракија.

Извор: “Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.