Во организација на “Авто Контрол” во Прилеп одбележан 11. мај – Денот на сообраќајната култура – Заедно да изградиме систем на општествени вредности!

Во организација на “АВТО КОНТРОЛ Станица за технички преглед” Прилеп, во соработка со МВР и сообраќајната струка при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, денеска во центарот на градот се одржа настан посветен на Денот на културата во сообраќајот.

На платото пред Градскиот Саат, ученици од сообраќајната струка во ова училиште делеа флаери со едукативна содржина, со цел да се унапреди сообраќајната култура и да се подигне свеста за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи.

Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени животи. Да се почитуваме меѓу себе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и заеднички да изградиме систем на општествени вредности, во кој културата во сообраќајот ќе има водечко место.

-Сообраќајната култура е важна за безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи, туку истовремено претставува и навика, почитување и применување. Важноста за почитување и применување на правилата да ја пренесеме сите ние заедно на поинаков начин на еден ваков ден. Денешното одбележување е со фокус на важноста на безбедноста за возачите на моторцикли, посочи Даниела Перканоска од Авто Контрол Станица за технички преглед Прилеп.

“Денес, 11 мај, го одбележуваме Денот на сообраќајната култура, посветен на зголемување на свеста и одговорноста за почитување на правилата и прописите во сообраќајот. Оваа година, особено сакаме да ја истакнеме важноста на безбедноста на возачите на моторцикли. Возачите на моторцикли играат важна улога во нашите патиша и затоа треба да бидат особено внимателни. Носењето кацига е клучно за заштита од повреди и несакани настани. Ве повикуваме да ја зголемите вашата свесност за правилата на сообраќајот, особено за брзината, претекнувањето и употребата на заштитна опрема. Придржувајте се до сообраќајните правила и прописи за да создадеме побезбеден сообраќај за сите учесници. Бидете пример за другите и заедно да работиме кон намалување на несреќите и зачувување на нашите животи и имот. Чувајте се на патот и носете кацига секогаш кога возите моторцикл! Заедно можеме да создадеме побезбеден сообраќај за сите”, рече Перканоска.

ФОТО/“РАДИО ПЕЛА”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.