Возила под стандардот ЕУРО 5 нема да може да се увезуваат во Македонија. Владата подготвува нови правила со кои сака да го обнови возниот парк во земјава, а со тоа и ќе се намали аерозагадувањето. Министерот за економија Крешник Бектеши потсети дека во моментов не е можен увоз на возила со еколошки стандард понизок од еуростандард 4 бидејќи тие возила нема да може повеќе да се регистрираат и да се возат по патиштата низ Македонија.
„Најверојатно, оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, во однос на мерки ние веќе спроведуваме неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Дополнително, министерот Бектеши повторно ја најави мерката за обнова на возниот парк, за која министерството за финансии пред две години не му обезбеди пари. Во 2019-та Бектеши ветуваше субвенција до три илјади евра за граѓаните при купување на ново патничко моторно возило, но услов старото возило со низок еколошки стандард да заврши на отпад. Вредноста пак, на возилата кои требаше да се набавуваат беше ограничена до 12 илјади евра.
Владата, со законско решение за 50 отсто ги намали трошоците за регистрација на возила со странски таблички. Новата цена важи од почетокот на годинава. Сопственикот на возилото има обврска да ги има платено сите царини и даноци кон државата во рок од шест месеци од денот на влегувањето на сила на овој Закон.