Во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”, отворена изложбата “Пиктограми” од уметниците Светлана Попова и Марија Штерјова

Во ликовниот салон од ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп синоќа 26.04.2024, е отворена изложбата “Пиктограми” од Светлана Попова и Марија Штерјова, кои се претставуваат со 33 дела.

Симболиката на преносното значење на знаците, да се препознаат, прочитаат, почуствуваат, универзалноста на математички совршениот бескраен универзум, пресликан во фантастичниот мал Фибоначи човек е лајтмотивот на изложбата.

Уметниците м-р Светлана Попова, од Штип, израсната во чколијата, чошињата и чаршијата прилепска, и магистрант Марија Штерјова, штипско моме, две различности, две професии, две искуства, работејќи заедно создаваат вистинско уметничко искуство. Љубовта кон боите, платното, четките ги споила, а резултатот е сега видлив со изложените дела.

Секое парче резонира со суштината на животот, раскошот на љубовта, битот на семејството, визијата кон иднината, а се преку универзалниот јазик на симболите.

„ПИКТОГРАМИТЕ“, во своите творби не само што ја прославуваат убавината на светот околу нив, туку и пренесуваат наратив на емоции, искуства и врски, поканувајќи ги гледачите да ги истражат длабочините на човековото изразување, втурнувајќи се длабоко во значењето на сликовниот јазик и сопствената душа – вели Каролина Мицевска од ЦК”Марко Цепенков”.

Сликите се изработени во техника акрил на платно, акрил на панел, акрил на хартија, со различни димензии и јаки контрасти на бои.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.