Синоќа, 2 мај, во Ликовната галерија на ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена изложбата “Моменти низ времето” од Моника Десоска,
која се претставува со 50 дела.
Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Моника Десоска создала комплексни апстрактни интервенции со многубројни ликовни морфеми и автентичен сликарски јазик.
-Апстрактните колоритни композиции изработени во комбинирана техника пренесуваат богата емотивна содржина. Преку разните сликарски и колажни инструкции уметницата раскажува визуелно сложен наратив, вгнезден во средишноста на композицијата, применувајќи црно бели фотографски исечоци и алудирајќи на осамени спомени во заборавените мисловни лавиринти…Во раскошните асоцијативни апстракции Десоска открива тајни сеќавања и евоцира чувства, при тоа конструирајќи неповторлив автономен ликовен јазик со сложена симболика сочувана во спомените обоени со многубројни соништа и надежи – рече на отворањето на изложбата Димеска.
На Моника Десоска во родниот Прилеп и е петта самостојна изложба.