“Во каква Македонија сакам да живеам?” – Размислување на еден прилепски гимназијалец

Во каква Македонија сакам да живеам

Сакам да живеам во мојата и нашата, најубава на светот, најбогата на светот, најпотценета од своите жители на светот, една и единствена Република Македонија. Жално е што оваа наша мајка Македонија сѐ ни дала и ни дава како на подавалник, а ние, како најголеми слепци, тоа не го гледаме, самите се потценуваме, неа ја потценуваме и навредуваме, ја продаваме и неа и историјата, и идентитетот и себеси за ситни пари и голем број од нас го одбираат светот, Западот за свој дом. Но, домот не е дом на друго место каде што не си растел, каде што не си играл, каде не си ја добил и подарил првата љубов, каде не си почнал да го осознаваш светот и себеси.

Значи како прво, сакам да живеам во Македонија во која луѓето се свесни за сите предности што ги имаат што се родени и што живеат во оваа земја. За мене луѓето кои зборуваат погрдно за родната земја и не го ценат секој милиметар од оваа света земја, земја која ја има во Библијата, земја во која се пишувала историјата, земја крстопат на култури, земја на првиот универзитет на Балканот, кога цела Европа спиела во мрак, не се луѓе, туку се лилјаци кои и денес живеат во темнина. За мене луѓето кои не ја ценат секоја грутка од родните и плодни хумусни почви, секоја капка бистра пивка вода, секој час поминат под галењето на топлите сончеви зраци, не се луѓе туку се лешинари.

Родната земја не си ја одбираш, исто како што не си ги одбираш родителите. Земјата е таа што е, а замислете, ние имаме среќа да живееме во земја на која Бог или природата ѝ подариле најубава клима во која можеме да уживаме во убавините на сите годишни времиња, да се радуваме на кокиче и штрко цвеќе, на мајски велигденски лалиња, на росомански праски и шелеверски лубеници, на есенски ресенски јаболка и највкусни домати на целиот свет, на зимски лизгања и скиење по Шара, Маврово, Пелистер, Крушево. Замислете да живеевме на Север каде немаат стоплено душа и каде денот е краток, а ноќта долга? Замислете да живеевме во пустините каде нема тревка зелена?

Сакам да живеам во Македонија во која Македонците ќе се свесни дека можат да ги искористат сите природни богатства, и да бидат независни од големите светски сили, од соседите, да не може никој да не уценува, да ни диктира цени, да нѐ осиромашува. Зошто сега мораме да се грижиме за светската енергетска криза? Зошто да зависиме од другите? Зошто да немаме огромен број свои термоцентрали, хидроцентрали, ветерници и погони за произведување на електрична енергија на база на искористување на сончевата светлина? Сѐ имаме, само треба желба, волја, иницијатива. Сега енергетска криза, в година којзнае каква криза, можеби криза за исхрана. А ние што правиме? Увезуваме секакви овошја, зеленчуци, млека, брашно и што ли уште не од другите земји, ко да немаме доволно раце да си ја ископаме сами земјата и да јадеме тоа што сме посеале, а не ГМО загадена и модифицирана храна, храна која е добра само за очи, а ни вкусна, ни хранлива.

Сакам да живеам во ЕКО Македонија, Македонија во која секој Македонец ќе се грижи за секоја тревка и секое дрвце, а не себично само за својот двор. Сакам луѓето семките од овошјето што го изеле да ги фрлаат надвор од градовите за да никнат некаде дрвја со различни плодови. Кога би имало повеќе производство на електрична енергија, би била поефтина и не би се сечеле дрвјата незаконски, не би се уништувале нашите бели дробови. Хорор е моментално да се живее навечер во градовите во Македонија, кога сѐ мириса на чад од дрвја и којзнае што сѐ не се гори во шпоретите за дрвја. Ама, не можеме да ги обвиниме сиромашните, и нив им треба на нешто да се згреат, топлина во зима.

Па, затоа сакам да живеам во социјално свесна Македонија во која службите си ја вршат својата работа. Не сакам да гледам гладни, сакати, боси дечиња и болни старци кои питаат, не сакам да знам дека има неподвижни болни во семејствата, а на вработените од социјални грижи да им е тешко да ги посетуваат. Сакам болници кои ќе бидат отворени за сите, без долги листи на чекање за преглед или операција, опремени со најсовремени апарати. Сакам полно доктори на сите одделенија, да не мора никој да се лечи во странство.

Сакам среќни и здрави луѓе. Сакам среќни доктори кои не бегаат во Германија, сакам среќни професори кои со ќеиф си ја работат работата, сакам учениците да учат и да земаат пример од луѓе кои се исполнети во животот и ја пронашле среќата овде. Сакам да живеам во Македонија во која луѓето на улиците не одат како зомби, туку со насмевки и топлина на лицата. А за да бидат такви треба човек на човека да си биде брат, а не волк. Треба луѓето да не се раскарани по сите основи: и национално, и партиски, и религиски. За да бидат среќни луѓето треба да се задоволни со својот живот, да го работат тоа за што се школувале, да се солидно платени, а не со минимални плати.

И на крајот, сакам да живеам во Македонија во која младите не се последната дупка на свиралото, некој кој никој за ништо не го прашува. Мисли ли некој на нас воопшто во оваа земја или сите мислат само на профит, заработувачка и на себеси. Безброј млади се уништуваат затоа што семејствата одвај им преживуваат или пак родителите се во трката за пари, па децата се запоставени. Безброј млади не добиваат простор каде би можеле да живеат спортски.

Каде се големите спорстки сали, каде е затворениот базент, па во ред ли е во дваесет и први век да немаме можност за часови по физичко во базен? Имаме природни езера, немаме пари за летување, остануваме без пливање. Имаме стази за скијање, немаме пари за опрема и зимување, па остануваме без уживање во зимските спортови.

Имаме кафулиња, немаме џепарац освен за едно кафе да го тегниме со саати. Имаме домови на културата, а во нив нема претстави, имаме кино сали, а нема филмови, а и тие што ги има се со скапи карти. Па, каков културен живот ние да живееме? Како прво немаме во градов културен центар за млади, некаде каде можеме заедно и да се рекреираме и да развиваме уметнички таленти, кој за што го бива. А и она малку што се направило досега, без разлика која гарнитура на власт го правела, ние несовесно го уништуваме, самите си правиме штета и се уназадуваме.

Можам да редам до бескрај во каква Македонија сакам да живеам затоа што проблемите се бесконечни, но ќе запрам овде, доволно е кажано. За крај само, да нагласам: сакам да живеам во Македонија во која луѓето знаат што е љубов и онака како што се сакаат себеси и своето семејство, така да си го сакаат градот, сите луѓе во Македонија и целата своја татковина. Бидејќи, ако љубов немаме, ништо немаме. Нека беше Македонија и Јапонија, и Америка, и Дубаи… без љубов и самопочит и нив ќе ги уништевме. Да ни живее Македонија, да си ја чуваме, да имаме за кого да пишуваме и што да им оставиме и на нашите деца и внуци!

-Гордан Станоески II-V




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.