Во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ синоќа (13.09.2019) беше отворена изложбата на слики „Состојби“ од уметникот Александар Станкоски, кој пред прилепската јавност се претставува со 30 дела.
Изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека творештвото на Станкоски се одликува со динамичен цртеж, робусна контура на фигурата и експресивна чиста боја со изразена јасност и моќност.
– Динамичната линија и експресивноста на бојата, како и пародискиот и ироничниот призвук претставуваат основно изразно средство на уметникот при наративното конституирање на композицијата. Меѓутоа, идејата е таа која што претходи во креативниот творечки процес на Станкоски. Па оттука, неговото творештво често се карактеризира и дефинира истовремено како експресионистичко и апстрактно. Во суштина, при процесот на креација и создавање на уметничкото дело, уметникот тргнува од идејата, барајќи соодветни средства и медиуми преку кои најверодостојно ќе ја транспонира. Во творечкиот опус можат да се воочат комбинирани разновидни стилови и елементи, кои имаат функција да го пренесат примарното сфаќање и обликување на определената содржина – стрипот, карикатурата, графитот, цртежот, илустрацијата, фотографијата – посочи Димеска на отворањето на изложбата на дела од Станкоски.
`
Љубителите на уметноста изложбата ќе можат да ја проследат во наредните две недели.