“Во вториот круг ќе се случи пресврт”, велат од партијата на Павле Трајанов кои ќе гласале за Шилегов

Во вториот изборен круг ќе се случи пресврт во резултатите, имајќи предвид дека кандидатите на СДСМ и коалицијата водат или имаат реални шанси за победа во 25 општини каде сè уште се води изборната трка за градоначалници. Ова го истакна на прес-конференција генералниот секретар на Демократскиот сојуз, Зоран Димитровски.

Демократскиот сојуз му дава безрезервна поддршка на кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов и на останатите кандидати на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ.

„Ги повикуваме сите граѓани, симпатизери и членови на Демократскиот сојуз, в недела масовно да излезат на гласање, за да обезбедиме развој на општините и подобар живот за сите“, порача Димитровски.

Демократскиот сојуз оценува дека изборната кампања пред вториот круг е многу заострена, со голема жестина во настапите, нереални ветувања, меѓусебни обвинувања и дискредитации помеѓу кандидатите и политичките партии.

Бидејќи првиот круг на изборите помина мирно, во фер и демократска атмосфера, партијата ги повика сите политички актери сегашниот негативен набој на изборната кампања да не се одрази на изборниот ден в недела, за и вториот изборен круг да помине мирно, во демократски дух.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.