Изминатиот викенд, во „Бајк Парк Смолево“, во организација на „Екстрим Бајк Тим“ од Битола се одржа втората „Smolevo Uphill Race“ – трка со планински велосипеди на нагорнина. Трката се одржа на патеката за искачување која се протега од црквата „Свети Атанас“ – Смолево до каналот, во должина од 2,8 км, висинска разлика 187м, со средна тежина и најстрмен нагиб од 7%. Меѓу натпреварувачите, лиценцираните велосипедисти, настапуваа во категориите: јуниори, кадети, сениори, мастерс и жени, додека категориите на нелиценцирани велосипедисти беа поделени на: хоби 12 – 16 години, хоби 16+ години, ветерани 45+ години и електрични велосипеди.
Овој настан беше вистинска потврда дека, спортот создава посебна енергија и атмосфера исполнета со многу адреналин и спортски дух.
Натпреварувачите и публиката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им честита на организаторите и наградените и нагласи дека локалната самоуправа продолжува да биде поддржувач на ваквите активности, а пред се на создавањето услови за нивна реализација.
„Smolevo Uphill Race“ прераснува во мега бајк евент во нашата држава. Ви благодариме на сите учесници и посетители за присуството. Се гледаме наредната година“, порачуваат организаторите од „Екстрим бајк тим“.