На Српските воени гробишта во Битола, градот со длабоки историски корени и неизбришливи спомени од минатото, на достоинствен и свечен начин беше одбележан Денот на примирјето во Првата светска војна.
По повод 107 години од пробивањето на Солунскиот фронт, беше оддадена почит на паднатите борци со положување на свежо цвеќе. На церемонијата присуствуваа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, високи политички претставници од Србија, претставници на амбасадата на Србија во нашата држава, пратеници од Собранието на Република Македонија, високи воени претставници од двете држави, како и претставници на Заедницата на Срби во Македонија.
Во своето обраќање, градоначалникот Коњановски истакна:
„Битола како град страдалник, денес стои гордо во знак на почит кон сите што го дале својот живот за слободата. Го негуваме споменот на тие бурни времиња, но и ја градиме иднината врз темелите на мирот, пријателството и меѓусебното разбирање“, посочи Коњановски.
Овој ден, кој се слави во земјите победнички во Првата светска војна, го симболизира крајот на едно од најразорните воени поглавја во историјата на човештвото. Примирјето беше потпишано во железнички вагон во близина на Компијењ, Франција и стапи на сила на 11 ноември 1918 година, точно во 11 часот, настан што засекогаш остана врежан како симбол на мир и надеж.





























