Во Битола преземени мерки за поголема заштита и безбедност во детските градинки

Во насока на зголемување на безбедноста и континуираната грижа за најмладите и највозрасните лица во општината, во заедничка соработка и
консултација со Дирекцијата за заштита и спасување, направен е увид во детските градинки и старските домови, кои се под општинска надлежност.

По извршениот увид во старскиот дом „Сју Рајдер“, донесен е заклучок дека се исполнети сите безбедносни мерки во однос на Законот за заштита и спасување и Правилникот за мерките заштита од пожар и експлозии.

Што се однесува до детските градинки, по извршениот увид во одредени клонови од двете јавни установи детски градинки, донесен е заклучок дека потребно е да се изврши дислокација на занималните со јасли, во рамките на објектите. Промена на занималните со јасли, следува по издадените насоки за побрза и поефикасна интервенција, за да се воспостават услови за безбедна евакуација во случај на опасност, согласно Законот за заштита и спасување и Правилникот за мерките заштита од пожар и експлозии.

Од страна на управата на градинките, известени се родителите и со заедничка соработка веднаш е постапено по однос на препораките и извршена е дислокација на занималните наменети за јасли.

Преку конкретното спроведување на препораките, Општина Битола уште еднаш покажува дека грижата за институциите кои што се во нејзина надлежност, особено за најмладите, е врвен приоритет во работењето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.