Во Битола одбележан 80-годишен помен во чест на најголемиот турски државник Мустафа Кемал Ататурк

Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк во Битола утрово беше претесна да ги прими сите кои, на 80 годишнината од неговата смрт, дојдоа да му оддадат почит на таткото на модерната турска држава.

Членови на повеќе здруженија, бизнисмени, студенти, професори, претставници на турската етничка заедница во Република Македонија, со едноминутно молчење, точно во 09.05 ч. (времето на смртта на Мустафа Кемал Ататурк), а потоа и со интонирање на химната на Република Турција, одбележаа 8 децении од смртта на најголемиот син на турскиот народ, човекот кој ја формира и ја водеше модерната Република Турција.

“Ние како битолчани сме горди што овој познат турски војсководец и политичар дел од своето образование го завршил во Битола. Благодарение на владите на двете пријателски држави, ние денес ја имаме оваа спомен соба во која заедно ги одбележуваме сите празници поврзани со историјата на Република Турција. Горди сме на досегашната соработка на двете држави, со надеж на проширување на сите полиња”, рече во поздравниот говор пред присутните, претседателот на Македонско-турското здружение “Мустафа Кемал Ататурк” oд Битола, Шенол Мемиш.

На комеморацијата присуствуваа и претставници на здруженија на граѓани од турскиот град Бурса, кој е збратимен со Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.