Синоќа во салата на Народниот театар во Битола се одржа свечена академија по повод 65 години од формирањето на Македонското научно
друштво (МНД) Битола, најстарата институција од ваков вид во државата.
На свеченоста, претседателката на МНД Даниела Андоновска Трајковска, говореше за историјатот на МНД, големите постигнувања на друштвото,
настаните кои што беа организирани во изминатиот период во повеќе области, издавачката дејност, одбележувањеот на значајни јубилеи итн.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, во своето обраќање истакна дека научната мисла е темел на секој вистински развој, бидејќи без неа, нема ни иновации, ни прогрес, ни иднина.
„Битола отсекогаш знаела да ги препознае и поддржи оние вредности што создаваат траен белег. Токму затоа, горди сме што ова друштво својата историја ја гради во нашиот град и верувам дека Општина Битола и понатаму ќе остане партнер и поддржувач на научните иницијативи и
развојот на знаењето. Овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и повик кон иднината – кон нови проекти, нови истражувања и уште посилна поддршка за младите кои денес учат, и создаваат, бидејќи тие ќе бидат идните столбови на македонската наука. Од мое и од името на локалната самоуправа, упатувам искрени честитки до сите членови, до раководството, до соработниците и пријателите на
Друштвото – за сите изминати 65 години исполнети со труд, со знаење и со резултати“, рече Коњановски.
На свеченоста свое обраќање имаа и научниот секретар на МАНУ, проф. д-р Блажо Боев, ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски, заменик
министерот за образование Лулзим Алиу, на кои, како и на градоначалникот Коњановски, им беа доделени плакети за континуираната поддршка во
работењето на МНД.
Посебни благодарници им беа доделени на дел од долгогодишните членови, кои со децении оставаат свој белег во растот и развојот на МНД, на
поранешните претседатели на МНД, на новопримените членови, на Европската универзитетска алијанска КОЛОРС, чиј полноправен член е и Универзитетот „Св. Климент Охридски“, како и на поединци, компании и здруженија, со кои ја МНД развива взаемна континуирана соработка.
Во културната програма настапи поп-рок хорот Битвокс, под раководство на проф. Марина Коруновска, а за крај на вечерта беше прикажан
документарниот филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“, во кој истакнати членови говорат за значењето на МНД, за неговата улога во
современото живеење и перспективите кои тоа ги нуди. Филмот е изработен од група млади ентузијасти студенти на УКЛО под менторство на своите професори, членови на МНД од Педагошкиот и Техничкиот факултет во Битола.