Основното општинско училиште “Климент Охридски” е вистински пример за оживувањето на образованието и условите за одвивање на образовна настава во Прилеп. Во изминатие 10 години постојано се инвестира и се подобрува работната клима во училиштето. Со поставувањето на директорската палка на Ахил Јаков, училиштето уште повеќе, со уште позабрзан ритам, оди напред и постојано се усовршува и напредува. Неговиот спортски дух и желбата за победа кои ги има наследено од долгата тренерска кариера како спортски тренер по карате, ги преточи и во раководењето на оваа образовна институција. За кратокт период реализираше многу проекти, а неговите планови за во иднина се уште поголеми. За Маркукуле, открива што се промени во училиштето во изминатиот период, кои се неговите предизвици и на какво разбирање наоѓа со наставниот кадар, учениците и родителите.
OOУ “Климент Охридски” беше запоставено и без инвестиции училиште. Во изминатите години условите за настава, благодарение на Локалната самоуправа, се значително подобрени. Што доби училиштето и колку се подобри образовниот процес благодарение на тоа?
Како што кажавте, OOУ “Климент Oхридски” е едно од најстарите училишта во градов. Со текот на времето кога едно училиште не се одржува, во смисла не се реновира и реконструира тоа по природен пат остарува, и огрдува од сите надворешни, па и внатрешни појави, со тоа и условите за работа се отежнати, како за децата, така и за наставата. Немате квалитетна настава ако не сте во тек со времето, односно модернизацијата на времето делува и кај нас како воспитно образовна институција.
Зборувам за овие 10 години, време за кое училиштето “Климент Охридски” стана симбол за училиште во градов, на кое комплетно му се промени ликот. Се промени фасадата на целото училиште, се промени целокупната стара и дотраена дограма со нова пвц, се променија речиси сите подови во училиштето, санитарните јазли комплетно се заменија со нови, се воведе компјутер за секое дете, интернет приклучоци, старата зграда на училиштето, каде што се одржува настава за децата со посебни потреби исто така целосно се реконсутруира, почнувајќи од фасадата, санитарни јазли, како и дограмата и подовите. Со еден збор изгледот на ова училиште е целосно променет и непрепознатлив.
Oд неодамна бевте поставени за директор, а претходно работевте како наставник по физичко образование. Какви се вашите досегашни впечатоци, односно колку е тешко или лесно да се раководи со оваа институција и што е ваш предизвик во работата.
Да, до пред 3 месеци бев професор по физичко образование, а сега директор.
Тоа е комплетно различна функција, бидејќи до скоро имав по 5 часа во денот и си заминував, а сега работата е многу обемна и екстремно одговорна. Кога се има предвид дека раководам со над 80 наставници и околу 900 деца, тоа ја дава вистинската слика за разликата помеѓу професијата наставник и директор.
Моето работно време сега е неопределено, во зависност со обемот на работата која ја имам сега. Така да, можам да тврдам дека е сосем различно да се биде наставник и да се биде директор.
На какво разбирање наоѓате помеѓу учениците, родителите, наставниците и локалната самоуправа?
Се разбира дека ја познавам ситуацијата на наставникот. Впрочем јас бев наставник повеќе од 13 години. Моја желба е да секој наставник биде удостоен за неговото барање, комплетно сум посветен на моите колеги и мислам дека тука е клучот за добро функционирање на училиштето. Добриот тим и добрата стратегија ме прави добар раководител, а со доброто функционирање на училишниот тим ги решаваме сите проблеми како на децата, така и на родителите.
Целосната функционалност и добриот тим на училиштето ќе биде залуден, ако тука не се одржува баланс и соработка со Локалната Самоуправа, што е неопхпдно за перфектно функционирање. Во нашиот случај, поддршката која ја уживаме од Локалната Самоуправа е одлична, што значи да немаме проблеми и функционираме одлично.
ООУ “Климент Охридски е особено значајно за Прилеп, имајќи го во предвид тоа што се работи за еден поголем комплекс, каде влегува и училишната зграда за деца со посебни потреби. Колку дечиња учат во оваа зграда и како сте екипирани со персонал и потребни училишни помагала за овие деца?
Основното општинско училиште “Климент Охридски” е составено од основните паралелки во самото училиште, училиштето за посебни потреби и подрачното училиште во населеното место Мажучиште.
Конкретно во посебните паралелки во училиштето, учат 45 деца, имаме 8 вработени дефектолози кои секојдневно држат настава во тоа училиште. Тоа значи дека во ова училиште, како и досега на сите директори, вклучително и мене, приоритет ни претставува наставниот кадар, стручноста и обученоста на самите вработени, како и самиот комплекс на работа со тие деца.
Зградата на посебните паралелки е скоро реновирана, во одлична состојба e и ќе се заложам да биде приоритет во моето работење.
Работата со наставниот кадар е одлична, кога работиш со професионалци се’ е лесно. Затоа јас како директор настојувам да им ја олеснам работата со наставните помагала од секаков тип, со цел наставниците да можат непречено да функционираат и да овозможам да училиштето да биде пријатно катче, како за наставниците, така и за децата. Инаку како податок, зградата која што сега ни е адаптирана за децата со посебни потреби, е најстарото училиште во градот, што е изградено далечната 1923 година, под името Цар Самоил. Низ годините училиштето се викало уште и “11 Oктомври”, каде се oдржувала редовна настава до осмолетка, за накрај да се изгради новото училиште кое го добива името Климент Охридски, а во склоп на тоа се преименуваат сите објекти под едно име.
Кои се идните главни приоритети за понатамошно подобрување на условите за работа, односно што во блиска иднина е планирано со програмата на Локалната Самоуправа да се инвестира во вашето училиште?
После моето именување за директор, претходно имав некои замисли и идеи, кои почнав веднаш да ги спроведувам. Направивме комплетно нова ограда на задната страна на училиштето, партерно уредив некои делови од училишниот двор кои беа неубава слика за училиштето, направив два паркови со патеки и зеленила, го променив речиси целото осветлување во училиштето, ги променив старите неонки во нови лед светла, поставив на целата дворна површина рефлектори… Со овие инвестиции се намали потрошувачката на електрична енергија за цели 75%. Исто така поставив панични светла во двете згради, започнав да ги променувам административните канцеларии, кои добиваат нов модерен изглед, школскиот двор дел го направив со нова фасада, го оградив целиот дворен простор кој го украсивме со најразлични спортски графити, благодарение на наставникот по ликовно образование Влатко Николоски. Сега училишниот двор е познат ширум градот. Се направи нов влез за децата со посебни потреби, се поставија нови врати во посебното училиште и уште многу други работи се со цел да се подобруваат условите за работа и училиштето уште повеќе да го променува ликот. Најдраго од се’ ми е тоа што ги брендирав сите наставнички во училиштето со наставнички униформи, на наставниците по физичко исто така им дадовме спортска опрема, како и на техничкиот персонал, педагогот и психологот…
Мотото е кога бараш децата да носат униформи, ќе носат и наставниците..
Најглавните приоритети во училиштето биле, и уште се неколку:
Во моментов работам на еден голем проект, а тоа е реновирање на училишниот двор, да се замени целиот стар асфалт со нов, да се направи едно мултифункционално спортско игралиште, партерно да се уреди и да биде побезбеден за сите деца кои учат тука, а воедно и да им се олесни работата на наставниците по физичко воспитување во топлите денови.
Знаете дека јас бев наставник по физичко образование и секогаш како приоритет го ставав спортот на прво место, така да исто така мислам дека приоритет за ова училиште е и спортската сала, која може да претрпи некои измени, со цел во неа да може да се одржи барем еден скромен час по физичко.
Планирам да ги уредам скалите во училиштето кои низ годините си го зеле делот, што исто така ќе биде еден покрупна инвестиција.
Како приоритет во моето директорување, исто така е да поставам во секоја училница смарт табли, кои сметам дека во ова модерно време ќе вршат многу работа за наставниците и учениците.
Се надевам дека ќе можам да им одговорам на сите наставници за кабинетската настава, која за жал моментално, во реален недостаток на простор, не можеме да ја спроведеме.
Значи сите овие планови кои ги наброив се приоритет и за нив се разбира имам голема помош и поддршка од Локалната Самоуправа на општина Прилеп.
Работите и како спортски тренер по карате. Кажете ни нешто повеќе за вашата спортска кариера и за некои од позначајните успеси на вашите ученици.
Да, се занимавам со спорт уште од мојата петта година. Целиот мој живот тренирав карате, па можеби и љубовта кон спортот беше пресудна да завршам спортска академија.
Работам како спортски тренер 15 години, имам клуб за карате, карате клуб “Лукас” и работам со деца од најмалата возраст. Во овие денови кога го оставив спортот како наставник, и станав директор, тренингот ми е лек за душата. Ако ги набројувам успесите на моите ученици, се толку многу, што ќе ми требаат 5 денови да зборувам за нив, но еве ќе издвојам неколку кои се на меѓународно ниво. Имав освоено 2 место на Светско првенство во Истамбул, со каратисти од училиштето, сум учевствувал на неколку Олимпијади во ракомет, кошарка, фудбал, државни првенства, едноставно ООУ “Климент Охридски” како централно градско училиште, е расадник за спортски деца во сите спортови. Еден искусен стар директор, еднаш ми рече: “Tи си сервис за сите потреби на училиштето, како за децата, така и за наставниците”.
Што е ваша желба, што сакате да оставите како белег преку вашата работа во училиштето кое го раководите?
Мојот белег треба да е во тоа, да им ја олеснам работата на моите колеги, преку наставни помагала, семинари, обуки…бидеќи помагаќи им нив ќе си помагам и себе си.
Сакам да направам еден урбан збор за училиштето, бидеќи “Kлимент Охридски” секогаш било меѓу најценетите училишта во Прилеп и ширум Македонија. Сакам тоа и да остане, но со поголем интензитет.
За крај една порака до сите ученици, родители и вработените во вашето училиште.
За крај сакам нешто да истакнам, а тоа е дека на вакво училиште е многу лесно да си директор. Опкружен со професионалци кои си ја знаат својата работа, ти ја олеснуваат твојата работа, а јас сум тој што се труди и ќе се труди за во иднина секогаш да им бидам прв сервис за сите нивни потешкотии во работата.
Пораката моја да сите родители и деца е: “Незнаеш што ти носи животот, искористете jа секоја своја шанса, сакајте го она што го работите, учете за она што сакате и мечтаете, нека не ви наметнува никој свои амбиции, бидеќи во животот за да опстаниш треба секогаш да го работиш она што го сакаш, само сакана цел е добра цел”.
“Воспитувањето инспирира вредности” – Новата парола на ООУ “Климент Охридски”- Прилеп.