„Следна инвестиција поврзана со проширување на бизнисот на компанијата со други производи би била имплементирање производство за вино и вински производи“, вели Митко Јанчев, генерален менаџер на „Кожувчанка“.
Минатата година обележавте јубилеј 20 години на пазарот. Која е тајната со која „Кожувчанка“ ги привлече своите купувачи?
„Кожувчанка“ во далечната 1995 година се појави на македонскиот пазар како прва приватна компанија за производство на вода. Во тогашни услови, тежината да се биде дел од пазарот и да се земе дел од колачот на тогашниот маркет беше огромна, доволен е фактот дека бевме непознати за купувачите. Од самото започнување со производство и работа, вложивме многу труд околу квалитетот на производите, го негувавме секој наш комитент, воведувавме иновации и спроведувавме најразлични акции кои допираа до крајните потрошувачи. Истото е дел од нашата политика и денес, незапирливи сме во градењето квалитетно производство со најсовремена технологија, тоа го потврдува и широкиот спектар на признанија и сертификати во поглед на квалитетот и производството, комитентите длабоко ги систематизиравме и спроведовме посебна политика која знае да негува и притоа да ги наградува подеднакво сите, се’ уште тенденцијата крајниот потрошувач да биде оној кај кој ќе отиде нашата акција е цел која е неизоставен дел од нашата политика, и секако, се разбира, горди сме на најшироката дистрибутивна мрежа во Македонија која безрезервно го опслужува и негува секој територијален сегмент од пазарот, па дури и онаму каде што сите други заборавиле.
Во палетата имате повеќе производи, води, сокови и пиво. Имате ли планови за зголемување на производството или за проширување на бизнисот и со други производи?
Ако ги изоставиме иновациите врз постојните брендови кои одат во поглед на промена на амбалажата на ладниот чај „синалко“ и нејзино одделување од палатата производи на „Синалко“ и инвестицијата во стаклена амбалажа наменета за ХОРЕКА на „Кожувчанка“ и „Изворска“, следна инвестиција поврзана со проширување на бизнисот со други производи би била имплементирање производство за вино и вински производи.
Какви се потрошувачките навики на македонскиот купувач, кои производи на „Кожувчанка“ се најбарани на пазарот?
Во глобала, најновите трендови би требало да говорат за современиот начин на купување во кој и македонскиот купувач би требало да купува од каталог и изборот за производите кој ќе ги купи да го прави сам. Можеби во централните градски подрачја можеме цврсто да се држиме до тој тренд, но сепак се’ уште поголем процент од потрошувачката им припаѓа на малопродажбата, каде што директна улога имаат менаџерите во маркетот кои знаат да го продаваат она што тие сакаат да биде продадено. „Кожувчанка ДОО“ во својата палета на производи има шест брендови, минерална газирана вода „кожувчанка“,природна негазирана вода „изворска“,газираните сокови „синалко“,негазирани сокови „синета“, енергетскиот пијалак „енерџи-С“ и како наш најнов бренд „наше македонско пиво“. Секој од брендовите си го има пронајдено своето место на пазарот и слободно можеме да кажеме дека секој од нив има добар „маркет шеар“ од целокупниот пазар. Се’ уште „кожувчанка“ е бренд-лидер во нашата палета на производи, но 2015 година беше година во која „изворска“ значително и’ се приближи, а токму овие два бренда беа акцентирани во изминативе две години каде што секој од нив беше ребрендиран со назначени маркетинг-вложувања. Горди сме на процесот на ребрендирање, кој беше успешно завршен и уште поуспешно прифатен од целиот пазар, што всушност беше и причина што линијата на побарувачка за овие два производи одеше во драстична нагорна линија. Светски познатиот бренд „Синалко“ кој изминатава година го славеше својот 110. Роденден, е бренд на кој оваа година значително ќе се работи на маркетиншки план, но и со активности кои ќе ја осигураат позицијата на самиот бренд во поглед на продажбата која и сега е на завидно ниво.
„Кожувчанка“ е семеен бизнис. Кои се предностите, а кои недостатоците кога членови од семејството се и колеги од работа?
Да се има бизнис во кој фамилијарните односи преминуваат во професионални односи, би рекол дека има повеќе предности од недостатоци, се разбира доколку секој ги познава своите ингеренции и овластувања и дејствува во согласност со нив. Во едно сме сигурни, а тоа е дека секој ја сака компанијата како своја, а тоа е мисија на секој работодавец.
Имате ли планови за извоз и на кои пазари?
„Кожувчанка ДОО“ е овластен производител за „Синалко“ во Македонија и од 2015 година и за пазарот на Црна Гора, тука немаме простор за извоз затоа што станува збор за бренд кој се работи по лиценца. Што се однесува за извоз на водите, ние секогаш имаме тенденција тие да бидат наша главна алатка за извоз, секојдневно добиваме понуди и сме отворени за секој пазар кој е заинтересиран за пласман на нашите води.
„Македонското пиво“ е еден од последните производи на „Кожувчанка“, колку пивото си го најде своето место на пазарот, со оглед на конкуренцијата, и што ќе преземете за поголем пласман?
И пред да почнеме со производство на пиво бевме свесни во каква инвестиција се впуштавме, а уште посвесни за каква категорија на производ станува збор. Да се смени навиката за пиење на едно пиво со друго е како да го смените матичниот лекар или заболекар, станува збор за макотрпен процес на промена на навиката на потрошувачот, во кој долгорочните планови и стратегии околу овој бренд се неразделен дел од успехот на самото пиво. „Наше македонско пиво“ се’ уште го бара своето место на пазарот, но ние сме презадоволни од текот на настаните до сега. Важно е што „наше македонско пиво“ денес може да се најде во секој продажен маркет.
„Кожувчанка“ е вода која извира во чиста еколошка средина на Кожув Планина. Како компанија дава свој придонес за заштита на околината во процесот на производство. Неодамна компанијата инвестирање во еколошко шише на водата „изворска“, а сега најавувате и нова инвестиција во делот на втиснување на датумот на производство и рокот на траење. Станува збор за инвестиции од светски тренд, колку тие му значат на македонскиот потрошувач?
Како новитет во производството во поглед на заштита на околината и тенденцијата да бидеме општествено одговорна компанија, имплементираме нов ласер со кој датумот за производство ќе се гравира на самата амбалажа, при што се исфрла мастилото како начин на обележување. Овие иновации се согласуваме дека се светски тренд, но суштината, сепак, не е да се следи трендот, туку грижата за потрошувачите и околината, која потрошувачите знаат да ја препознаат, а тоа го покажаа и зголемените бројки на продажба на негазирана вода „изворска“. Во најразлични пригоди при средбите, потрошувачите директно или индиректно ни покажуваат дека „изворска“ ја сметаат како поттик за еколошка свест и навистина го применуваат она еколошкото кое амбалажата на „изворска“ го носи со себе, а тоа е ребрестиот дизајн кој е лесен за рециклирање, како и 30 отсто помалку користената пластика.
Извор : Утрински Весник