Внимавајте: Голем број измами преку Фејсбук – подигнувале кредити на име на оштетените и им ги земале парите

Секторот за внатрешни работи – Штип, минатиот месец регистрирал неколку измами на граѓани преку социјалните мрежи. Како што информираа од полицијата измамниците, најчесто преку апликацииите Фејсбук и месинџер, контактирале со граѓани на кои им ги злоупотребувале личните податоци како фотокопија од лична кaрта, трансакциска сметка и електронска здравствена легитимација, стои во соопштението.

– Наведените податоци сторителите ги злоупотребувале за стекнување и добивање брзи кредити од финансиски друштва во Македонија, преку електронско аплицирање во име на оштетените граѓани, притоа, доведувајќи ги во заблуда дека паричните средства кои по одобрувањето на кредитите легнувале на трансакциски сметки на оштетените, се наводно помош од роднини на сторителите за лekyвање на болно дете, се вели во соопштението на СВР-Штип.

Паричните средства оштетените сами ги ваделе од нивните сметки и преку посредници им ги давале на сторителите, незнаејќи дека истите потекнуваат од претходно одобрени брзи кредити во нивно име.

СВР Штип апелира до граѓаните да не наседнуваат и подлегнуваат на вакви и слични измами, кои што се вршат преку социјалните мрежи и особено да внимаваат на кого ги споделуваат податоците од личните документи. Сите сомнителни случаи од ваков вид граѓаните да ги пријават во Полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.

Надлежните во СВР Штип велат дека интензивно работат на расветлување и документирање на случајот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.