ВМРО-ДПМНЕ: “160.000€ за Локвенец, летни бавчи од 6 метри за Туманоски и Сугарески, непотизам и хаос, тоа ли е новиот живот од СДСМ??” (ВИДЕО)

Прес конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

(Во продолжение интегрален текст и видео од одржана прес конференција)

“Кога функционерите од СДС на прес конференција велат дека животот во Македонија дошол, забораваат да кажат дека навистина животот е дојден, но не за сите граѓани, туку за нив и неколкумина нивни најблиски, кои секојден се вдомуваат низ јавните претпријатија и институции, додека високо образован кадар ја напушта државава.

После предавството и срамниот договор со Грција, во кој се бришат Македонија како држава, Македонците и македонскиот идентитет, договор за кој гласаа и прилепските пратеници Хари Локвенец и Кети Смилеска, на виделина излезе уште една срамна вистина.

Ненародната влада предводена од СДС, преку фондот за иновации, на Гинис ДОО (Гинис принт 2018) ќе и исплати сума од речиси 10 милиони денари, или околу 160.000 евра. Дали Хари Локвенец е косопственик на оваа печатница која треба да добие ни помалку ни повеќе, со првиот бран околу 160.000 евра?

Прашуваме што ќе иновира оваа печатница? Дали овие средства можеби ќе бидат наменети за печатење на нови документи, кои согласно капитулантскиот договор со Грција, ќе мора да се издаваат наново? Дали можеби продажбата на името и двојазичност на цела територија, чини толку пари?

Македонија не памети непотизам од олкави размери.

Пред скоро време, со одлука на совет, беше изменета Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема, специјално за да можат луѓе од редовите на СДС со своите локали, да ја запоседнат речиси цела прилепска чаршија. И додека обичниот граѓанин врзува крај со крај и размисува како да го преживее денот, некои поединци се богатат на големо на грбот од народот. Дали ваквата промена се направи за да се задоволат апетитите на Сугарески и Туманоски?

Почитувани, тоа не е се’. Во Локалната Самоуправа, со смена на локалната власт и доаѓањето на Илија Јованоски на функцијата градоначалник, прилепчани сведочат за вработувања по партиска линија.

Градоначалникот Јованоски, да излезе пред јавноста и да каже колкава е точната бројка на нововработени во Локалната самоуправа после преземањето на локалната власт од СДС, и врз кој критериум се бираа истите?

Дали како главен услов за вработување е роднинска врска пример внука од сестра, блиски пријатели, активисти на шарената револуција, кои пред 2 години ја урнисаа државата и работата на сите институции?

Дали ова е партиската војска која треба да помогне околу протуркување на катастрофалниот договор со Грција?

Штетата која се прави со секој изминат ден е огромна. Македонија и Прилеп никогаш не се наоѓале во полоша состојба. Народот се чувствува изманипулиран и прелажан. Затоа мора што поскоро ова политичко лудило да заврши. Затоа што Македонија заслужува да оди напред!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.