ВМРО-ДПМНЕ предложи, а власта одби да исплати плати и здравствено осигурување за “Еурокомпозит”

За СДСМ човечките животи и судбини воопшто не се важни. СДСМ на чело со премиерот во заминување Зоран Заев, повторно по којзнае кој пат ги излажаа и ги заборавија вработените во прилепскиот Еурокомпозит, ова денеска го истакна Ане Лашкоска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Пари за исплата на неисплатените плати и придонеси на овие работници, повторно и во буџетот за 2021 година, СДСМ одлучи да нема. Уште едно лажно ветување и поигрување со судбината на вработените во прилепски Еурокомпозит. СДСМ уште еднаш ги остави овие луѓе на цедило. Ги остави без плати, но замислете, во услови на пандемија и тешка секојдневна борба со Ковид 19, ги остави и без здравствено осигурување. Срамно, безобразно и лицемерно однесување на СДСМ. СДСМ има пари за набавка на нови возила и нов мебел за министерствата, има и за бадеми и ф’стаци и други луксузирања, но нема за исплата на плати и здравствено осигурување за вработените во Еурокомпозит. Очигледно за СДСМ и Зоран Заев, дадените ветувања, дадениот збор или законите, немаат апсолутно никаква важност и тежина.
Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку амандман на буџетот за 2021 година предложи веднаш и без никакви изговори, да се обезбедат средства во висина од 172 милиони и 480 илјади денари со цел конечно да се реши овој горлив проблем на вработените во прилепскиот Еурокомпозит, вели Лашкоска.

Таа додава дека за мене како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп, но и за целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, решавањето на овој проблем, со оглед на важноста и тежината, секогаш бил и е приоритет.

-Како во изминативе 3 години, така и сега, ние ќе продолжиме да се бориме со сите средства кои ни се на располагање се додека СДСМ и нивниот шеф Зоран Заев конечно не се сетат и не одлучат да го решат овој повеќегодишен проблем со исплатата на платите и придонесите за овие луѓе. Затоа уште еднаш ги повикувам СДСМ и колегите пратеници од владеачкото мнозинство, да си ја признаат сопствената грешка, да го поддржат овој амандман на ВМРО-ДПМНЕ и како знаат и умеат да обезбедат средства за овие луѓе. Само така ќе покажат дека имаат искрени намери и работат за решавање на проблемите на граѓаните. Во спротивно, доколку не го сторат тоа, уште еднаш ќе докажат на дело дека перфектно лажат, манипулираат и си поигруваат со трпението и човечките животи и судбини на луѓето, вели Лашкоска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.